Премиерот Кирил Петков ќе биде на чело на бугарската делегација во Рим на 24 мај, каде се очекува да биде примен од поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск.
Според бугарските медиуми, оваа година делегацијата требала да биде предводена од претседателот на Парламентот Никола Минчев но тој го отстапил својот ред на Петков, кој сакал на Денот на Светите браќа Кирил и Методиј да демонстира единство со премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски и тоа да послужи како знак за симнување на ветото на Скопје.
Идејата на Петков била на 24 на аудиенцијата кај папата со Ковачевски заедно да добијат благослов од папата.
Централните настани по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, како и секоја година традиционално, ќе се одржат на 23 и 24 мај во Ватикан и Рим со аудиенцијата на делегацијата на Република Северна Македонија кај Папата Франциск на Светата Столица, која оваа година ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, со молебенот на гробот на Св. Кирил во црквата „Сан Клементе“ во Рим и со пригодни културно-уметнички содржини во главниот град на Италија.
Минатата година преседателот Стево Пендаровски и неговиот бугарски колега Румен Радев заедно патуваа во Ватикан.