Петков негира оддавање државни тајни во корист на Македонија: Чернева е една од најсовесните советници

од Nikola Popovski
405 прегледи

Копретседателот на бугарската партија Продолжуваме со промените и поранешен бугарски премиер, Кирил Петков се огласи во јавноста после обвинувањата дека неговата советничка Весела Чернева оддавала државни тајни информации на македонски државен службеник, за позицијата на Софија за влезот на Македонија во ЕУ. Петков прокоментирал дека му е „преку глава од некои од кажаните работи“ во Собранието на Бугарија.

-Сакам многу јасно да кажам дека личноста Весела Чернева е една од најсовесните и најчесните советници што сум ги имал, еден од луѓето кои навистина веруваат дека Бугарија може да биде нормална европска земја. Со вчерашното користење на нејзиното име, ваквиот вид клевета ја покажува огромната потреба од масовни реформи во службите, рекол Петков како одговор на новинарско прашање, пренесуваат бугарските медиуми.

Тврдењето за шпионажа, како што велат бугарските медиуми, дојде лично од претседателот на Државната агенција „Национална безбедност“ (ДАНС), Пламен Тончев, при неговиот распит на пленарна седница на бугарскиот парламент.

-За случајот е поведена предистражна постапка, изјави тој.

Веднаш по него, Тошко Јорданов, пратеник од партијата Има таков народ на Слави Трифонов, сугерираше дека Весела Чернева е советничката против која се води предистражна постапка бидејќи „се расправала со Македонците“. Ќе се преземат ли мерки против Петков и Василев ако ѝ ги дале овие нарачки, праша Јорданов.

Ова не се први обвинувања на сметка на Чернева во врска со земјава. Поранешната шефица на бугарската дипломатија Теодора Генчовска во една прилика ја обвини Чернева дека води паралелна надворешна политика и дека лобира во преговорите со Скопје.

Слични содржини