Бугарија не е под притисок за напредок во односите со Македонија, увери денес тамошниот премиер Кирил Петков на брифинг со новинарите.
Тој повтори дека земјата има развиено нов пристап во преговорите со Скопје.
-Брзината со која се движиме е само во функција на резултатите. Досега сме си поставиле цели. Колку побрзо се постигнат овие цели, толкава ќе биде брзината со која ќе се движиме понатаму. И никој од никаде не може да не притисне за оваа работа. Во исто време, како клучна цел во овој поглед даваме приоритет на добрососедството, потенцира Петков.
После минатонеделната посета на македонскиот премиер Димитар Ковачевски на Софија, оваа недела започнуваат состаноците на формираните работни групи меѓу двете земји. Утре во Скопје ќе биде одржан првиот состанок на заедничката работна група со делегација од Бугарија за економија, трговија и иновации.