Бугарскиот премиер Кирил Петков во ново интервју за бугарските медиуми повторно се осврна на односите меѓу Скопје и Софија и евентуалното тргање на ветото. Тој во разговор за бугарска „Btv“ истакнал дека има многу луѓе кои се обидуваат да ги разнишаат добрите односи меѓу Бугарија и Северна Македонија.
-Нашата влада нема да подлегне на вакви лесни провокации, кои се обидуваат да се случат од двете страни. Имаме една заедничка цел – Северна Македонија да биде европска земја, добар сосед. Заедно можеме да создадеме економски раст и сите овие националистички повици и провокации само треба да ги игнорираме за да одиме напред, рекол Петков.
Според него, гаранцијата за правата на Бугарите во Република Северна Македонија може да се обезбеди и преку европскиот процес.
-Во реалноста, ако ги ставиме во Европскиот договор на Република Северна Македонија, не само што Бугарија повеќе нема да ги брани овие права, туку договорот со Европската Унија ќе ја даде оваа гаранција за овие права.
Значи, укинувањето на ветото, како што сите велат дали да се укине или не, е погрешен начин на размислување. Овде мора да бидеме јасни и да кажеме – PCM ќе биде во Европската Унија најрано за 10 години, појаснува Петков во интервјуто.
Бугарскиот премиер додава дека има многу поглавја на патот на Македонија кон Европа.
-Ние треба само да си поставиме нашуте услови – на пример, за Уставот пред првото поглавје. На овој начин, со укинувањето на ветото, ѝ даваме пат на Северна Македонија. Но, во овие посебни поглавја можеме да ги ставиме сите услови кои ни се неопходни и така нема да го решиме проблемот што моментално постои за една или две недели, туку ќе имаме 10 години да работиме заедно за да може PCM навистина да биде дел од европското семејство и сите права на Бугарите таму да бидат целосно заштитени. Значи, пристапот треба да биде попаметен, смета Петков.
Тој бил јасен дека секое придвижување во дијалогот и евентуално решение во однос на Македонија ќе оди преку парламентот, така што нема да може да се каже дека има таен договор меѓу двете влади.
-Ќе имаме отворен дијалог, ќе одиме низ парламентот, за да можеме да напредуваме во оваа стратегија заедно како Бугари. Тука очекувам поддршка не само од коалицијата, туку и од опозицијата, бидејќи ова е национално прашање, додал Петков.