Петковски: 328 лица од Македонија се пријавиле за гласање на изборите во Бугарија, а Софија тврдеше дека има 100.000

од Nikola Popovski
328 прегледи

„Претседателот на Бугарија Румен Радев организирал средба со „експерти”,на тема состојбите и перспективите на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија. Клучна тема (според соопштението од неговиот кабинет) била, лошата состојба на македонските граѓани кои, според етничката припадност се декларирале како Бугари. И се разбира, бараат од македонските власти тие да се унапредат и да се доведат до стандардите на човековите права и слободи, што важат во ЕУ. Никаде не стои во извештајот, од каде ги црпеле тие информации бугарските власти. За разлика од нив, Европскиот суд за човековите права, по тринаесетти пат носи одлука, според која, Бугарија масовно ги крши човековите права и слободи на Македонците во Бугарија. Со последната одлука, Европскиот суд ја задолжува Бугарија, најдоцна до јуни оваа година, да ја регистрира Организацијата на Македонците во Бугарија „Илинден“, пишува претседателот на НСДП, Тито Петковски за последните случувања во македонско-бугарските односи.

Според него, никој не очекува дека Бугарија ќе ја изврши оваа одлука и дека истата ќе помине како и претходните.

„Значи, од една страна имаме впечаток на бугарските власти за кршење на правата на македонските граѓани што се декларираат како Бугари. Од друга страна пак, имаме одлука на надлежен Европски суд дека правата на Македонците во Бугарија, реално се кршат и да ги заштити, ја задолжува Бугарија да ја спроведе таа одлука“, стои во статусот на Петковски.

Според него, колку е некоректен и неевропски ставот на Бугарија кон Македонија и Македонците, говори фактот што, за гласање на претстојните парламентарни избори во Бугарија, од Македонија се пријавиле, се на се 328 лица (според официелниот извештај на бугарската Централна изборна комисија).

„Ова сакам да го ставам на увид на македонската, бугарската и на европската јавност за тоа, кој го кочи развојот на бугарско-македонските односи и кој шири говор на омраза.

Каде се сокрија 100 или повеќе илјади Бугари во Македонија, за кои бугарските власти говорат неколку години наназад.

На крај сакам да ги утешам нашите пријатели од Бугарија дека Васил Гарвснлиев, за чија судбина ламентираа дури и во Европскиот парламент, ќе ја претставува Македонија на Евросонг“, пишува Петковски на Фејсбук.

Претседателот на Бугарија, Румен Радев за време на експертската дискусија, што се одржа денеска, изјавил дека напредокот на Република Северна Македонија кон полноправно членство во Европската унија е стратешка цел на Бугарија.

„Сепак, неговото спроведување зависи од подготвеноста и политичката волја на нашиот југозападен сосед да ги исполни критериумите за членство во ЕУ и почитување на правата на граѓаните кои отворено го изразуваат својот бугарски национален идентитет. На состанокот присуствувале потпретседателката Илиана Јотова, како и бугарски научници, експерти, дипломати и новинари“, соопшти прес-службата на шефот на бугарската држава.

Учесниците на дискусијата истакнале дека европската интеграција на сите земји од Западен Балкан ќе придонесе за зајакнување на демократските процеси и унапредување на добрососедските односи и економскиот раст во целиот регион.

-За решавање на прашањата во билатералните односи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија е потребна политичка волја, активен институционален дијалог и постигнување неповратност во градењето добрососедски односи, рекол Радев.

Слични содржини