Поранешниот функционер и екс-претседател на НСДП, Тито Петковски вели дека е „загрижен за здравјето на државното раководство“ после случувањата и националистичките скандирања на натпреварите меѓу Македонија и Романија и Шкендија и Карабах.
„Во спортската сала во Куманово, на меѓудржавен кошаркарски натпревар и во присуство на македонскиот дел од раководството, на чело со премиерот на македонската влада, дел од публиката скандираше националистички и шовинистички пароли против Албанците. На Градскиот стадион во Скопје, во присуство на албанскиот дел од државното раководство, на чело со претседателот на македонското Собрание, најголемиот дел од публиката скандираше иредентистички и шовинистички пароли против Македонија и Македонците. На прашања од новинарите упатени до премиерот на Владата и претседателот на Собранието, што мислат за криминалното однесување на дел од публиката во Куманово и во Скопје,и двајцата го дадоа истиот одговор – ниту нешто виделе ниту нешто чуле“, пишува Петковски на социјалните мрежи.
Поранешниот политичар смета дека не смее да постои простор за шега во вакви случаи и упати прашање до државниот врв.
-Добро, на секој човек може да му се случи да има проблем со ушите и очите, но во овој случај се работи за здравјето на челните луѓе на државата,и тука нема шега. Загрижен за иднината на државата, црни мисли ми поминаа низ главата. Ако државното раководство не можеше да го види и да го слушне урлањето на македонските и албанските националисти во спортска сала и фудбалски стадион, како ли ќе ги види и слушне проблемите на тивките и невидливи граѓани, прашува Петковски.