Петковски до Захариева: Ако промената на нашиот Устав е мала работа, зошто внесувањето на Македонците во бугарскиот е тешко и сложено?

од Nikola Popovski
1,6K прегледи

Поранешниот претседател на Собранието и поранешен лидер на НСДП, Тито Петковски не се согласува со ставот на поранешната шефица на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева дека измените на Уставот не се голема работа.

Според него, ако промената на нашиот Устав е така мала и едноставна работа, зошто тогаш промената на бугарскиот Устав и внесувањето на Македонците во него, што е дел од реалноста во Република Бугарија, е толку тешка и сложена работа?

Та нели граѓанските и етничките права и слободи се европски вредности. Освен тоа, Бугарија има обврска според пресудата на Меѓународниот суд за човекови права, повторувана по 15-ти пат, да ги признае правата на Македонците во Бугарија и слободата на политичко организирање, објави Петковски на социјалните мрежи.

Захариева во изјава за БГНЕС порача дека „македонските соседи и пријатели не треба да се плашат од промените“ и дека „Бугарите се дел од реалноста во РСМ и тоа мора да се прифати“. Таа е категорична дека Скопје и Софија само губат од лошите односи и дека е најдобро да нема граници помеѓу двете земји. Захариева меѓу другото истакна дека Македонија мора да ги спроведе потребните реформи и да ги исполни условите доколку сака да започне преговори за влез во Европската унија.

Слични содржини