„Кога прочитав дека бугарскиот претседател итно ги собрал шефовите на бугарските безбедносни структури “за да навреме преземат соодветни мерки за заштита на правата на Бугарите во Македонија”, прво што помислив е дека Македонија и објавила војна на Бугарија, а јас за тоа не сум информиран. Откако прочитав дека причина за средбата било писмото што културното друштво „Иван Михајлов“ го упатило до бугарскиот државен врв ја сватив причината за паничната реакција на бугарскиот претседател“, се огласи претседателот на НДСП, Тито Петковски по повод мешањето на бугарскиот претседател Румен Радев во внатрешните работи на земјава.
Според Петковски, Македонија во април организира попис, а бугарскиот претседател сеуште не знае колку Македонци ќе се декларираат за Бугари.
„И тоа во услови кога бугарското културно друштво „Иван Михајлов” за секој ново осознаен Бугарин во Македонија нуди бугарски пасош по скратена постапка, се разбира со помош на бугарскиот државен врв. Каде е тука стравот на Радев?
Замислете ја само ситуацијата, на пописот во Македонија, бројката на граѓаните што се определиле за Бугари да биде слична или незначително поголема од она на последниот попис, во услови кога бугарските власти, јавно соопштуваат дека издале над 100.000 бугарски пасоши на македонски државјани. Сите тврдења на бугарскиот државен врв за бугарскиот карактер на Македонија ќе паднат во вода. После оваа драмолетка од Софија, тешко ќе може да се одбрани тезата дека културното друштво “Ванчо Михајлов” не е наменска бугарска инсталација во Македонија пред пописот“, стои во Фејсбук објавата на Петковски.