Народната мудрост, пред избори и по риболов најмногу се лаже, никогаш не губи на актуелност. Разликата е во тоа што, тој што лаже по риболовот дека фатил најголема риба, го билда само неговото лично его, на сметка на „несреќниот“ рибар, вака објави поранешниот претседател на Собранието и екс-лидер на НСДП, Тито Петковски за политичката ситуација во земјава.
Петковски во Фејсбук-статус, насловен како „Никогаш Северна, само Македонија“, упати критики кон новата владеачка партија ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, лажењето на избори има големи последици и по расположението на изневерените гласачи и по развојот на државата и општеството.
-По склучувањето на Преспанскиот договор, ВМРО-ДPМНЕ започна кампања “Никогаш Северна,само Македонија”,што практично значеше непризнавање на Преспанскиот договор. Со тој слоган продолжија и за време на предизборната кампања. Последиците по развојот на државата и општеството ќе ги видиме допрва. Но влијанието на оваа лага на расположението на граѓаните кои се почувствуваа измамени е евидентно, истакна пензионираниот политичар, наведувајќи пример со расположението кај граѓаните.