Петковски: Пораката од Битола е јасна и недводмислена, признајте дека сте Бугари

од Берта Китинска
408 прегледи

И на најголемите оптимисти веќе им станува јасно дека по реинкарнацијата на фашизмот од страна на бугарскиот државен врв во Битола, Македонија нема да влезе во ЕУ. Може, ама не како Македонци со македонски јазик и не како антифашисти во Втората светска војна. Бугарија отворено ја уништува нашата и иднината на нашите деца, стои во реакцијата на лидерот на владејачкиот НСДП Тито Петковски откако во Битола вчера беше отворен бугарски клуб што го носи името на контроверзниот водач на историското ВМРО Ванчо Михајлов.

-Подготвен сум да тврдам дека Бугарија води отворена економска војна со Македонија. Од изминатите 16 години откако добивме кандидатски статус, само од првата бугарска блокада до денес, Македонија изгуби над 250 милиони европски пари, по разни основи, кои можеше да се вградат во нашиот развој.Мора конечно да сватиме дека државата е соочена со многу моќен непријател, згора и членка на ЕУ. Како не сваќаме дека пораката од Битола е јасна и недводмислена, признајте дека сте Бугари, па ќе ви дозволиме да почнете преговори со ЕУ. Тие сакаат да преговараме за тоа дали постоијат Македонци и македонски јазик. И воопшто не треба да чекаме да поминат шесте месеци ветени од новиот бугарски премиер. Проблемот може да се реши уште утре, доколку признаеме дека нема Македонци и македонски јазик.Навистина не ми е јасно, што уште треба да направиме за да ги почнеме преговорите со ЕУ, со некој кој отворено ти вика дека не постоиш?, прашува Петковски.

Тој вели дека овде не станува збор за некакви европски стандарди, туку класично изживување на земја членка на ЕУ врз друга земја што сака да стане членка на ЕУ.

-Зарем се она што ни се случува деновиве не е доволен силен аларм за будење на партиите од безскрупулозната борба за власт.СДСМ и ВМРО ДПМНЕ да престанат со меѓусебните обвинувања за бугарското вето да седнат како одговорни партии (доколку тоа воопшто се) и да дефинираат државна стратегија како да излеземе од овој ќор сокак, па макар ги прекинале преговорите и се откажале од членство во ЕУ.Одлуката за стратешките прашања мора да ја донесат заеднички партиите од власта и опозицијата.Многу е неодговорно, како политички така и човечки, бугарското вето да биде тема со која ќе се добива или губи власта, вели Петковски.

Слични содржини