Никој не може да предвиди колку ќе трае војната. Не знам какви беа плановите на Путин, но претпоставувам не планирал долго да се задржи во Украина, најавувајќи на почетокот кои се целите на руските сили. Дури и сериозна опасна закана упати кон НАТО да не се мешаат. Аналитичарите сметаа дека може да употреби и нуклеарно оружје. Клучно прашање беше Русија да има тампон зона со НАТО и исклучување на Украина од Алијансата, вели лидерот на НСДП, Тито Петковски во емисијата „Само вистина“.
И ние долго време бевме кандидати за НАТО, вели меѓу другото Петковски во гостувањето.
-Идејата на НАТО за проширување до руските граници е стара. Клучниот проблем за оваа човечка катастрофа се должи и исклучиво на различните сфаќања и теории што е тоа безбедност. Русија мислеше дека безбедноста е да не се дојде до нејзините граници, а НАТО смета дека безбедност за земјите членки е да бидат што поблиску до најголемиот непријател или конкурент. Најтрагично е што САД, ЕУ и Русија знаеја за војната, а само Украина не знаеше. Русите биле одамна подготвени, рече Петковски.
Според него, големите земји прават што сакаат, а малите го прават тоа што мораат да го прават.
-Украина е мала земја, во која што војната од 2014 година не е довршена. Таа не купувала многу оружје во изминатите години. Ако очекувала жестока војна, морале посериозно да се подготват, додава Петковски.