Петковски за Анкетната комисија: При набројување на македонските трагедии, ВМРО-ДПМНЕ да не го испуштат и Александар Македонски – кој и зошто го уби?

-Тоа што, за трагедијата во модуларната болница во Тетово немало Анкетна комисија е грешка на тогашната опозиција, порача Петковски по иницијативата за надзорна расправа за пожарот во кочанската дискотека

од Nikola Popovski
38 прегледи

Темата околу формирањето на Анкетна комисија и надзорна расправа во Собранието околу пожарот и трагедијата во кочанската дискотека и ставот на политичките партии го коментираше и поранешниот функционер и политичар, Тито Петковски. По реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поддржи Анкетна комисија, но проширена и со другите трагедии, Петковски ја потсетува нивната пратеничка група при „набројување на македонските трагедии, да не го испуштат убиството на Александар Македонски – кој и зошто го уби?“.

-Ќе речете апсурдна е една таква идеја,што е точно. Но, навистина,несфатливо е зошто толку кукавички бегаат од теми за кои тие и само тие треба да поднесат политичка одговорност. Трагедијата во Кочани се случила за време на мандатот на нивната влада и политичката и морална одговорност , според Уставот и сите светски закони и морални норми не може да се префрли на некој друг политички субјект или поединец.

Тоа што, за трагедијата во модуларната болница во Тетово немало Анкетна комисија е грешка на тогашната опозиција. Кривичната одговорност, зад која се обидува да се сокрие ВМРО ДПМНЕ е посебно прашање, за кое се надлежни обвинителството и судот и тука Собранието нема никаква надлежност, објави Петковски.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го прифаќа предлогот на опозицијата за формирање на Анкетна комисија во собранието за случајот со Кочани, изјави пред два дена лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски.

„Во ред, ќе зборуваме, но ќе зборуваме и за сите останати големи трагедии кои што нѝ се случија во изминатите години. За се да зборуваме, затоа што сите виновници, апсолутно сите, да се изведат пред лицето на правдата. Во најмала рака, кога во парламентот има ваков тип на анкетна и надзорна расправа, тогаш граѓаните треба да видат и слушнат кој е тој што направил грешка, кој е тој што злоупотребил, кој е тој што е виновен. И јас апсолутно ја поддржувам одлуката на пратениците, еве нека има анкетна и надзорна расправа“, кажа премиерот.

СДСМ вели дека нема ништо против во Анкетната комисија да се разговара и за случаите „Модуларна болница“ и „Ласкарци“.

„Прес-конференцијата на Филипче е срамен обид да глуми чесен во ситуација кога цела држава знае освен Обвинителството дека има сериозни дамки од Модуларната, па се до разни набавки во Здравството. Сметаме дека обврска и одговорност на судот е да има правда за случајот со „Пулс“, и да ги повика на одговорност сите кои се огрешиле во било каква смисла, без разлика на политичка или етничка припадност, и да не води сметка на било какви политички пораки и притисоци“, пишува во вчерашната реакција на ВМРО-ДПМНЕ.