Петковски за интерпелациите во Собрание: 11. март како црн ден, прв чекор кон диктатура

од Nikola Popovski
1,1K прегледи

Во јавноста се уште е актуелна темата околу интерпелациите на петте членови на Судскиот совет. Со свој став се огласи и поранешниот функционер и екс-потпретседател на Собранието, Тито Петковски. Според него, 11-ти март ќе остане запаметен како црн ден во поновата македонска историја откако со, како што вели, одлука на македонското Собрание е повреден Уставот и срушен уставниот принцип на поделба на власта на законодавна, извршната и судската.

-Со колективната интерпелација на дел од Судскиот совет, направен е упад во судската власт од страна на извршната власт, преку злоупотреба на Собранието како законодавна власт. Настапува период на доминација на извршната над сите останати носители на власт и се доведува во прашање правната сигурност на граѓаните. Парламентот е претворен во инструмент и обична трансмисија за спроведување на политиките на на Владата, без можност да ја контролира нејзината работа. Тоа практично значи прв чекор кон диктатура.

Интелектуална и бизнис елита и креативниот потенцијал во државата, мислам дека не смеат рамнодушно да гледат на сето она што и се случува на македонската држава и македонското општество, порача Петковски преку објава на социјалните мрежи.

И по интерпелацијата, членовите на Судскиот совет се на своите работни места и си ги завршуваат своите обврски. Собранието им изгласа недоверба за нивното вршење на функцијата, ама тие велат дека дале сѐ од себе во своето работење.

Премиерот Христијан Мицкоски бара да си заминат од функциите што ги заробиле. Опозициската СДСМ предупредува да не се прават обиди за партизирање на судската власт, под изговор дека се прават реформи.

Интерпелацијата се однесуваше на пет членови од Судскиот совет-  Весна Дамева, Тања Чачарова Илиевска, Миљазим Мустафа, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.

Слични содржини