Петличковски: Не очекувавме вакцините да траат толку кратко

од Берта Китинска

Некаде околу пикот сме на сојот омикрон, имајќи предвид дека и во земјите во соседството и во земјите во Западна Европа, овој последен бран на корона инфекцијата се ширеше многу брзо и многу побрзо стивнуваше, истакна вечерва директорот на Институтот за имунологија, д-р Александар Петличковски во гостувањето во Сител.

Во врска со тоа дали може да се очекува зголемен број хоспитализации, рече дека омикрон е детектиран пред две недели, но оти веројатно и некое време пред тие две недели бил присутен.

– Се очекува да има зголемен наплив на хоспитализирани затоа што имаме многу голем број позитивни луѓе. Инаку релативно и бројот на смртни случаи и бројот на хоспитализации е значително подобар кога ќе го споредиме со делта сојот. Но, повторно да не се залажуваме, има луѓе кои умираат после инфекција со омикрон сојот. Препораките на СЗО се во таа насока, пандемијата се уште не е завршена и Ковид се уште е тешка болест. Затоа не е време за олабавување. Кога ќе ги погледнеме икуствата од земјите во Западна Европа гледаме дека овој бран трае кратко и последиците кои ги остава не се така страшни како претходно, потенцира д-р Петличковски.

Вели дека е изненадување за науката тоа што лица кои веќе прележале, повторно се заразуваат.

– Не очекувавме вакцините да траат толку кратко, имунитетот да отвора простор за нови инфекции. Не можеме да кажеме дека траат многу кратко бидејќи оваа лесна слика повторно може да е резултат и на претходната имунизација. Ние две години живееме со пандемијата и не сме на истата стартна позиција како пред две години. Овој имунитет кој глобално сме го стекнале и со прележување на болеста и со вакцинација има резултат и можеби дел од овие благи клинички слики се должат и на тоа. Овој вирус е изменет во однос на претходните и тие измени му даваат простор да може да ги избегне имуните механизми, но повторно сите статистики во светот укажуваат дека клучната придобивка од вакцинацијата, спасување живот и заштита од тешка болест е евидентна во над 90 проценти од случаите, рече д-р Петличковски.

Слични содржини