Петрески: Брз завршеток на војната ќе доведе до стабилизирање на цените, но не можеме да се надеваме на враќање на нивоата од претходно

од Vladimir Zorba
860 прегледи

Точно е дека во периодов и посебно во последниот месец се соочуваме со стапка на инфлација која не сме ја виделе од 1990-тите. Сепак, мора да имаме предвид дека растот на цените е движен од глобалните случувања, главно наручувањата што на пазарите на енергенси и примарни производи ги предизвика инвазијата од Руската Федерација врз Украина, а делумно и од се’ уште нарушените синџири на снабдување што е ефект од пандемијата, во моментов засилен и од новите карантини во Кина, вели во краток разговор за „Локално“ Благица Петрески од Институтот за економски истражувања и политики Finance Think за зголемувањето на инфлацијата за над 10 отсто во април годинава, во споредба со истиот период лани.

Особено во април, вели таа, ефектите од растечките цени на енергенсите и примарните производи се пренесоа и врз пошироката потрошувачка кошница, и поинтензивно се вградија врз инфлациските очекувања.

– Според анализите на Finance Think, во моментов нема значајни домашни фактори што влијаат врз инфлацијата, меѓутоа останува клучно однесувањето на фискалната политика, чија улога е, се разбира, да го заштити животниот стандард на граѓаните, особено на најранливите, во услови на растечки цени, но истовремено да не го влоши проблемот преку прекумерни тековни и непродуктивни трошења, посочува Петрески.

Вели дека забрзувањето на инфлацијата во нашата земја е паралелно со зголемувањата во сите европски економии, бидејќи сите економии, некоја помалку, а некоја повеќе, се зависни од увоз на енергенси, а помалите економии како нашата се и изразено зависни од увоз на примарни производи односно храна.

– Така што, повисоката влезна цена при увоз директно се рефлектира и врз цените кои ги гледаме во маркетите и на сметките за струја и другите енергенси. Притоа, стапките на инфлација се различни, некои земји имаат пониски, а некои, како Балтичките земји, повисоки од нас, што се должи на структурата на економиите (на пример, уделот на домашно производство на храна), дизајнот на фискалните мерки и структурата на потрошувачката кошница на домаќинствата. На пример, земји како нашата кои имаат поголем удел на храната во таа кошница, имаат и повисоки стапки. Нашата стапка моментално е слична со стапките на инфлација во некои земји од окружувањето, изјави директорката на Finance Think.

На прашањето за „вивнувањето во воздух на цените“ на производите и услугите и дали надлежните ги преземаат вистинските чекори во насока на нивно стабилизирање, но и дали треба повторно замрзнување, Петрески појаснува дека економистите ова го нарекуваат „егзоген шок“, особено за малите и отворени економии.

– Нашата влада прво се обиде растот да го контролира преку замрзнување на цените и на маржите, што даде одредени резултати, меѓутоа мерката може да опстои на многу краток рок односно секогаш постои ризикот тие производи да ги снема на полиците, како што и се случи во период од неколку денови во текот на февруари со маслото за јадење. Значи, повторно воведување таква мерка ќе биде контрапродуктивно. Намалувањето на ДДВ и царинските давачки за некои производи ја помага потрошувачката, меѓутоа линеарноста на мерката го јаде фискалниот простор и може да додаде на инфлацијата. Оттука, според нашите анализи, овие две мерки дале одредени резултати, меѓутоа неопходно е фокусот да се сврти кон таргетирани мерки за помагање на домаќинства кои се ранливи на ваков тип шокови, истакнува таа.

Од друга страна, продолжува Петрески, Народната банка реагираше со зголемување на основната каматна стапка во два наврати, во април и мај, а тоа е добро, со цел да делува сигнално и да влијае смирувачки врз инфлациските очекувања, кои веќе се значајно зголемени и ќе останат такви додека граѓаните и фирмите гледаат повисоки цени на рафтовите и во своите влезни фактури.

-Нашето очекување е дека таа тенденција на зголемување на референтните каматни стапки, кај нас, како и во сите други економии и од окружувањето и во светот, ќе продолжи, што ќе имплицира затегнување на финансиските услови. За граѓаните тоа е битно бидејќи постепено ќе доведе до повисока цена на задолжувањето и кредитите, односно оној период на ниски каматни стапки на кој некако сите се навикнавме сега е зад нас, тврди таа.

За тоа кога граѓаните може да очекуваат „оддишка“ и стабилизација на цените и дали воопшто е можно враќање на состојбата од пред 5,6 месеци, Петрески е децидна дека тоа во најголема мера зависи од воените случувања во Украина.

– Брз завршеток на војната би довел до одредена стабилизација, а нејзиното опстојување, особено евентуалното проширување на обемот и интензитетот, ќе ги нарушува пазарите и понатаму. Во позитивното сценарио на брз завршеток, цените ќе се стабилизираат, но за жал не може да очекуваме дека пазарите на добра и услуги би се вратиле на нивоата од претходно, туку тие ќе најдат нова рамнотежа, околу новите нивоа на цени. Она што можеме да го направиме на домашен план е внимателност во водењето на политиките, особено фискалната политика да дејствува таргетирано, кон оние на кои помош им е потребна, наместо широкопојасно. Слично, брз раст на основната каматна стапка може да влијае врз дополнително забавување на економската активност и зголемување на трошокот на задолжувањето, па неопходно е чекорите да останат одмерени, додаде директорката на Институтот за економски истражувања и политики.

Б.М.

Слични содржини