Петрески: Главен домашен извор на ценовниот притисок останува однесувањето на некои трговци

од Vladimir Zorba
744 прегледи

Како единствен начин да се избегнат досегашните пропусти на антикризните мерки и на вистински начин да им се помогне на граѓаните извршната директорка на “Finance Think”, Благица Петрески сугерира превземање на неколку чекори. Меѓу основните ги издвојува чекорите кои треба да се направат во делот  на цените на храната.

„Потребно е поголемо активирање на Антимонополската Комисија за да се процени дали, кога и кој се впушта во непазарни, картелски практики. Јасно е дека многу од сегментите на нашиот пазар се недоволно конкурентски, и можеби поинаку и не може да биде поради пазарната големина, меѓутоа неопходен е соодветен одговор на тоа, преку јасно-дизајниран пристап, кој ако е неопходно ќе вклучи и промени во Антимонополското законодавство за да ја зајакне Комисијата за заштита на конкуренцијата“, изјави за Локално, Благица Петрески.

Растот  на цените  како домашен фактор беше нотиран и во проекциите на “Finance Think” како еден од основните ризици за низок раст на нашиот БДП.

Во однос на растот на цените забележуваме дека  иако има добар тренд на намалување, тој не е според очекувањата и не го следи глобалниот тренд. Според нашите анализи, главен домашен извор на ценовниот притисок останува однесувањето на некои алки во синџирот на добавување, и кај производителите и кај трговците, со поголем нагласок кај трговците“, вели Петрески .

Оттука според неа, замрзнувањето на цените иако непазарна, моментално е клучна мерка за ограничување на влијанието од домашните фактори. Потенцијалните антикризни мерки, според Петрески треба да бидат системски и насочени кон стимулирање на компаниите и домаќинствата да инвестираат во сопствено производство на електрична енергија.

Владата најави дека ќе се обезбедат пари за нови антикризни мерки и дека пакетот ќе биде конципиран до крајот на месецов. Со оглед на тоа што таквите мерки евентуално би стапиле на сила кон крајот на годинава, дали сметате дека пакетот ќе биде навремен или задоцнет чекор? На што треба да се внимава при димензионирање на мерките а да не се повторат досегашните пропусти?

-Една од клучните слабости на антикризните мерки во изминатата година, беше нивната линеарност, односно беа поддржани и домаќинства кои сами можеле да го поднесат товарот на кризата. А тоа е клучно за да разумно се менаџира со јавните финансии кои беа истрошени за време на пандемијата, и последователно значајно порасна јавниот долг. Оттука, наша постојана сугестија е да се напуштат линерарните мерки, барем постепено, и дел од тоа се стори, на пример со враќање на општа стапка на ДДВ-то на струјата. Мојата проценка е дека во моментов ситуацијата е покомфорна, бидејќи се зголемија капацитетите за производство на струја, и дома и генерално на европскиот континент, така што притисокот во тој сегмент олабави и во текот на зимата не се очекуваат скокови како што беше тоа случај минатата есен и зима.

Оттука, потенцијалните мерки треба да бидат насочени кон стимулација на компаниите и домаќинствата да инвестираат во сопствено производство. Потоа, освен директната поддршка, треба да се креираат и услови кои ќе значат поедноставување на бирократските процедури за инвестиции во сопствено производство на енергија, како и инвестиција во вкупната инфраструктура за апсорбција на произведената електрична енергија. Севкупно, дизајнот на мерки треба да биде системски и таргетиран.

Другата наша сугестија како Finance Think, а која е релавантна за делот на цените на храната, е поголемо активирање на Антимонополската комисија, за да се процени дали, кога и кој се впушта во непазарни, картелски практики. Јасно е дека многу од сегментите на нашиот пазар се недоволно конкурентски, и можеби поинаку и не може да биде поради пазарната големина, меѓутоа неопходен е соодветен одговор на тоа, преку јасно-дизајниран пристап, кој ако е неопходно ќе вклучи и промени во Антимонополското законодавство за да ја ојача Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Третата сугестија е преку евентуалните нови мерки да се помогне на најзасегнати групи граѓани, кои товарот на кризата и зголемените цени и понатаму тешко го поднесуваат, преку доходна поддршка.

Покрај војната во Украина, очите на светот се свртени кон војната во Газа. Дали и во колкава мерка овие случувања ќе нанесат директен или индиректен удар врз македонската економија? Кои сектори можат да бидат жртва на воените случувања?

-Директни ефекти од конфликтот меѓу Израел и Хамас не би имале врз економијата; слично како со Русија и Украина, ние немаме особени трговски и финансиски врски со Израел и Палестина. Индиректните ефекти не ни се темелно испитани, меѓутоа генерално тие се значајно поограничени споредено со индиректните ефекти од конфликтот Русија-Украина, прво затоа што конфликтот меѓу Израел и Хамас е од географски помал и полокален карактер, и второ затоа што е значајно поочекуван спореден со она што се случи меѓу Русија и Украина, што во периодот пред неговиот почеток тешко кој можеше да замисли дека ќе се случи. Меѓутоа, ако конфликтот на Блискиот Исток го сфатиме како жариште што произлегува и од глобалнот судир меѓу истокот и западот, кој наметнува тектонски поместувања и за глобалната економија, тогаш тој конфликт може да ги засили неповолните трендови за глобалната трговија, за глобалните финансиски услови, да ја одржува неизвесноста во економското окружување високо, што секако индиректно не’ засега и нас.

Сериозни оценки за македонската економија презентираше во својот извештај Светска Банка, , а причината се лоцира во задоцнетите владини мерки. Како Вие го оценувате извештајот? Дали се одалечуваме од условите за подобар животен стандард на граѓаните?

-Извештајот на Светска Банка, во голема мера ги потврдува проекциите кои Finance Think ги даде во кварталниот макромотитор од почетокот на септември, а тоа е раст на БДП за 2023 година од 1,7% и инфлација од 9,7%. Ваквите проекции се должат и на надворешни фактори, врз кои немаме контрола, но во значајна мера, во последниот период, и на домашни фактори. На страната на надворешните фактори, главното негативно влијание врз домашната економија доаѓа од намалената економска активност кај нашите клучни трговски партнери. Неповолните економски трендови на клучните глобални трговски партнери се прелеваат врз работата на извозно ориентираните компании, и особено странските директни инвестиции во земјата, кои се поврзани со нивните мајки-компании.

Но, на страната на домашните фактори, дел од ризиците доаѓаат во делот на растот на цените, кој забележуваме дека иако има добар тренд на намалување, тој не е според очекувањата и не го следи глобалниот тренд. Според нашите анализи, главен домашен извор на ценовниот притисок останува однесувањето на некои алки во синџирот на добавување, и кај производителите и кај трговците, со поголем нагласок кај трговците. Затоа и замрзнувањето на цените, иако непазарна, моментално е клучна мерка за ограничување на влијанието од домашните фактори. Но, освен тоа, потребна е внимателност од клучните економски политики во управувањето со инфлациските очекувања. Тука главно мислам на платите во јавниот сектор. Наша анкета за инфлациските очекувања која ќе ја објавиме во следните денови покажува загрижувачки знаци на нивно вкотвување на подолг рок.

Од друга страна, ризиците кои извештајот ги идентификува, а се значајни за економскиот раст и животниот стандард на граѓаните на среден рок, се во делот на итната потреба за реформи, односно ризикот е тие да се стават во втор план заради фокусот на уставните измени и оптовареноста со изборите кои следат идната година. Доколку сакаме да обезбедиме подобар животен стандард и повисоки стапки на раст, спроведувањето на економските реформи да биде приоритет и да не зависи од политичките случувања, особено оние реформи кои допираат до човечкиот капитал, конкурентноста и продуктивноста.

Владата најави дека до крајот на месецов ќе бидат готови измените на Законот за платите на функционерите, со кои како што беше речено ќе се дојде до правично решение за платите на функционерите. Дали зад ова препознавате вистинска намера да се реши проблемот кој е една од причините за бројните протести низ државата?

-Во однос на платите на функционерите, нашиот став е јасен. Одлуката на Уставниот суд да го одмрзне замрзнувањето на платите на функционерите кое било направено пред повеќе од една деценија требаше веднаш да биде пресретната со предлог закон за регулација на тој фрапантен раст, кој ќе беше консензуален и од власта и од опозицијата. Да не заборавиме дека функционери како министри, градоначалници, директори имаме од сите политички партии, не само од оние кои ја сочинуваат владата. Значи, волјата да брзо донесување таков закон требаше да ја изразат сите, а посебно пак партиите кои се во опозиција. Е тоа создаде лавина барања од различни целни групи и веројатно несреќно придонесе за понатамошно анкерирање на инфлациските очекувања за кое говорев погоре. Да не зборувам дека адресирањето на ваквите барања, кои често се и неразумни бидејќи и обемот на зголемување на функционерските плати е недвосмислено висок, паѓаат во стапицата на фискалната консолидација која сакаме да ја постигнеме.

К.В.С.

Слични содржини