Петрески: Линеарното зголемување на пензиите е своевиден земјотрес за Фондот за ПИОМ и јавните финансии во целина

од Vladimir Zorba
2,8K прегледи

За првиот човек на  Finance Think, Благица Петрески  одлуката та за линеарно зголемување на пензиите  е спорна од аспект на нејзините последици, поради што ја сугерира потребата од нејзино преиспитување и изнаоѓање поинакви решенија . Ставот  го поткрепува со анализа која  упатува на тоа дека ваквиот чекор значително ќе ја  продлабочи буџетската дупка во Фондот за ПИОМ, а со тоа и зависноста на Фондот од централниот буџет.

Со линеарно и големо зголемување на пензиите, ќе се генерира вкупен додатен трошок од околу 300 милиони евра на годишно ниво, што е околу една четвртина од вкупниот расход за пензиите. Значи, замислете дека во вашиот личен буџет некоја ставка веднаш се зголемува на 25% – тоа е сериозен удар за било кој буџет. Тоа ќе го зголеми дефицитот во ФПИОСМ за најмалку 10 процентни поени, или повторно ќе достигнеме околу 40%  од вкупните расходи за пензии да бидат исплаќани од централниот буџет, вели во интервју за Локално , Благица Петрески.

Дополнителен негативен аспект од ваквата одлука вели таа е што со ад-хок линеарно зголемување на пензиите се нарушува законската обврска за усогласување на пензиите согласно трошоците за живот и просечната плата.

Такво нешто не е добро, бидејќи од една страна создава неизвесност околу тоа кога и колку една влада ќе сака да ги усогласи пензиите за да го зачува животниот стандард, а од друга страна создава очекување дека таквите зголемувања секогаш ќе бидат неразумно високи и ќе се злоупотребуваат во политички цели. Секако, тоа ќе ја поткопа стабилноста на пензиските и јавните финансии, децидна е Петрески.

За зголемување на пензиите од септемрви, месечно ќе се трошат 13 милиони евра а од март трошокот ќе надмине 300 милиони евра годишно што според Петрески е половина од дефицотот на земјата или половина од капиталните инвестиции. Ова зголемување не е еднократен надомест вели таа, туку ќе биде вградено во основицата на пензиите и ќе значи дека во секој следен буџет треба да проектираме 300 милиони повеќе средства само за пензии.

Од септември пензиите за над 337 000 пензионери ќе бидат зголемени за 2500 денари, а во март следната година за уште толку. Како ја оценувате одлуката за линеарно покачување на пензиите од аспект на евентуалните бенефити, но и последици? 

-Тоа е политичко ветување на ВМРО-ДПМНЕ и тие тоа треба да го исполнат, иако и самите се свесни дека таквото решение е проследено со големи ризици и претставува своевиден земјотрес за пензиските финансии и за јавните финансии во целина. На тоа ние укажавме и во текот на изборната кампања. Од перспектива на исполнување на предизборните ветувања, Finance Think стои на ставот дека тие треба да се исполнуваат кога веќе се дадени, односно дека прудентен пристап е неопходен пред ветувањето да се даде. Сепак, од аспект на долгорочноста на последиците, би советувале уште еднаш да се размисли за дизајнот и да се бараат поелегантни решенија кои нема на долг рок да ја нарушат одржливоста на пензискиот фонд.

Од перспектива на економска анализа, можам да го повторам тоа што е веќе кажано и од нас како Finance Think и од поголем дел од експертската јавност, а тоа е дека линеарен пораст на пензиите во обем од 5000 денари, односно во два наврати од по 2500 денари, значајно ќе го продлабочи дефицитот во ФПИОСМ. За споредба, по принципот на усогласување, пензиите во септември би се усогласиле за околу 5-6% (податоците сеуште не се финално објавени), што на просечната пензија е зголемување од околу 1100 денари. Кога велиме дефицит во ФПИОСМ, главно мислиме на делот од расходите за пензии кој се покрива од централниот буџет, затоа што постои кусок во изворните приходи, а тоа се приходите од придонесите. Максимумот тој дефицит го достигна во 2017 година, кога се доближи во 50%, што значи дека скоро половина од трошокот за пензии го сносеше централниот буџет, односно сите даночни обврзници. Во 2018 година настана блага реформа, во две последователни години благо се покачи стапката на пензиски придонес, настанаа корекции кај заменските стапки и се намалија ад-хок зголемувањата, иако последниве не беа целосно стопирани и во тој период. Тоа севкупно доведе пензискиот дефицит да се сведе на околу една третина, што е значајно постигнување. Со линеарно и големо зголемување на пензиите, ќе се генерира вкупен додатен трошок од околу 300 милиони евра на годишно ниво, што е околу една четвртина од вкупниот расход за пензиите. Значи, замислете дека во вашиот личен буџет некоја ставка веднаш се зголемува на 25% – тоа е сериозен удар за било кој буџет. Тоа ќе го зголеми дефицитот во ФПИОСМ за најмалку 10 процентни поени, или повторно ќе достигнеме околу 40%  од вкупните расходи за пензии да бидат исплаќани од централниот буџет.

Во однос на феријалноста – не е феријално. Пензијата е право од работен однос, не е општ социјален надоместок. Нејзината висина зависи од годините работен стаж и од платата која пензионерот ја примал кога бил работник, а платата зависи од образованието, годините работен стаж, позицијата и секторот во кој работел. Тенденција на изедначување на пензионерите во однос на нивните примања праќа лоша порака: колку и да придонесувате во ФПИОМ додека сте работник, кога ќе се пензионирате ќе добивате исто со кој било друг работник.

Дали линеарното зголемување ќе го наруши законското усогласување на пензиите согласно трошоците на живот и просечната плата, односно  дали практично ќе се напушти досегашниот принцип? 

-Усогласувањето моментално е законска обврска. За да таа се анулира а за сметка на тоа се прави ад-хок линеарно усогласување, потребни се законски измени. Меѓутоа, такво нешто не е добро, бидејќи од една страна создава неизвесност околу тоа кога и колку една влада ќе сака да ги усогласи пензиите за да го зачува животниот стандард, а од друга страна создава очекување дека таквите зголемувања секогаш ќе бидат неразумно високи и ќе се злоупотребуваат во политички цели. Секако, како што зборував и погоре, тоа ќе ја поткопа стабилноста на пензиските и јавните финансии.

Колку изнесува зголемувањето на пензиите пресметано во вкупен износ и колку средства ќе треда дополнително да се издвојат на годишно ниво?  

-2500 денари за околу 330 илјади пензионери е околу 13 милиони евра на месечно ниво, што значи дека кога мерката ќе го дистигне својот целосен капацитет, односно според сегашните најави од март 2025, трошокот надминува 300 милиони евра годишно. За споредба, тоа е половина од вкупниот буџетски дефицит на земјава, или половина од просечниот износ на еврообврзниците што земјава ги издаде во последните години, или половина од реализацијата на капиталните инвестиции. Значи, тоа е баснословен износ. Дополнителниот притисок е што ова зголемување не е еднократен надомест, туку ќе биде вградено во основицата на пензиите, што значи дека од сега се обврзуваме дека во секој следен буџет треба да проектираме 300 милиони повеќе средства само за пензии.

Рековте дека линеарното зголемување дополнително ќе го зголеми дефицитот во Фондот за ПИОМ. Ако се знае фактот колку луѓе се иселуваат од земјава и дека  приходите во Фондот зависат од бројот на вработени, со кои мерки според Вас може да се намали притисокот врз ПИОМ?

-Притисокот врз ФПИОМ може да се намали ако се продолжи по сегашната патека, односно усогласување на пензиите со растот на трошоците за живот и на просечната плата, што е формула за зачувување на животниот стандард на пензионерите. Со оглед дека формулата веќе ги вклучува платите, растот на изворните приходи на ФПИОМ критично зависи од бројот на вработени во земјава, кој во последниве неколку години стагнира, дел под влијание на емиграцијата, а дел под влијание на пасивизацијата на пазарот на трудот која започна за време на пандемијата и сеуште е присутна. Но, Македонија има значајен пул од активни баратели на работа, околу 100 илјади, кои под претпоставка дека ќе се вработат, ќе генерираат додатен изворен приход во ФПИОМ. Политичката програма на ВМРО-ДПМНЕ предвидуваше дополнителни 55000 работни места во нивниот мандат, што е амбициозна но не е неостварлива цел, а која ќе придонесе кон стабилноста на ФПИОМ. Последно но не и најмалку важно е непопуларната мерка, а тоа е зголемувањето на старосната граница за пензионирање, чиј главен аргумент е продолжувањето на животниот век на населението. Залагањето за таква мерка не значи дека лице кое требало да се пензионира следниот месец одеднаш ќе дознае дека ќе треба да работи уште година-две, туку зборуваме за преодни решенија, на пример повисока старосна граница би влегла во сила за лица кои моментално се 4-5 години до пензија, или некои слични модалитети. Комбинација на вакви мерки може долгорочно да го стабилизира Фондот.

Кои мерки треба да ги преземе Владата во насока на успорување на бранот на иселување на младиот високообразуван кадар за кој Државниот ревизор кажа дека изнесува 2500 иселувања годишно? Одамна е јасно дека платите не се главниот мотив.

-Стареењето на населението е евидентно, од две причини, едната е емиграцијата, другата е секако ниските стапки на фертилитет. Меѓутоа, и нашите поранешни студии на темата за миграцијата покажаа дека платите или примањата генерално не се главниот мотив за иселување за повеќето иселеници. Статистички, доходот во оваа земја расте низ годините, сиромаштијата се намалуваше, значи растот на доходот беше поголем кај пониските групи. Да, кога разговарате со граѓаните тие ќе ви речат полошо се живее, беспарица итн., меѓутоа ние како Finance Think многу се занимаваме со статистика, бројки и факти и тие говорат дека животниот стандард денес е поголем од животниот стандард пред 10 години, дури одредени анализи ни покажаа дека животниот стандард ги надминал годините – некаде во периодот 2016-17 година – на она што од постарите генерации е перцепирано како најдобри години за време на поранешна Југославија. Но, тоа е ако животниот стандард го гледате само низ призма на парите и куповната моќ. Ако погледнете низ призма на вредностите, владеењето на правото, како институциите го третираат граѓанинот, предолгото инсистирање на важноста на етничките прашања наместо фаворизирањето на принципите на заслуги на сите полиња итн. Итн., тогаш забележувате драматична декаденција. Тоа е главната причина за емиграцијата и само крупни и одлучни чекори на тие полиња можат да влеат надеж кај граѓаните и така да повлијаат врз животниот стандард.

К.В.С.

 

Слични содржини