Петрески: Раст на пензии кој излегува надвор од законското усогласување на долг рок може да ја зголеми границата за пензионирање

од Vladimir Zorba
1,5K прегледи

Во услови на се  погласни барања за зголемување на пензиите, извршниот директор на Finance Think, Благица Петрески наведува низа  аргументи кои недвосмислено покажуваат дека во актуелната ситуација  би било апсолутно погрешно растот на пензиите да  излезе надвор од законското усогласување.

Непочитувањето на правилата ќе има сериозни импликации , а тоа во пракса ќе значи  зголемување на дефицитот во Фондот на ПИОМ кој  ќе притиска врз буџетскиот дефицит и јавниот долг. Трошокот, објаснува Петрески ќе биде на товар на општото оданочување, што имплицира дека дел од расходите за пензии ќе ги покриваат плаќачите на даноци од кои дел во иднина можеби и нема да бидат под капата на ФПИОСМ затоа што не се во осигуран работен однос.

“На долг рок, импликациите се дека можеби ќе треба да се посегне по помалку-популарните механизми за реформи, кои беа дел од можните сценарија за реформа, а тоа вклучува зголемување на границата за пензионирање’’, алармира Петрески.

Во обид да ги разјасни работите , посочува дека  не треба да се има илузија дека пензионерскиот стандард е низок, односно дека треба да се има предвид дека, стапката на сиромаштија кај пензионерите постари од 65 години  е 13.4% , но кај многудетните семејства е дури 45%. Ова според неа не значи дека пензионерите треба да бидат заборавени. Како опција предлага  размислување за мерки кои на долг рок и одржлив начин ќе креираат околина за подобар квалитет на живот на пензинерите, сфатен севкупно, а не само во финансиска смисла.

Дел од пензионерските здруженија низ Македонија се одлучија преку протести да бараат линеарно зголемување на пензиите. Кои се според вас фискални импликации од линеарно а кои со евентуално, процентуално зголемување на пензиите?

-Прашањето за фискални импликации од зголемувањето на пензиите не е прашање со еднократна големина, туку е прашање на долгорочна одржливост на пензискиот систем и фискалниот дефицит и јавниот долг гледани во подолга перспектива. За тоа ќе дадам пошироко објаснување. Доминантен извор на финансирање на пензискиот систем се уплатите на придонесите од тековните вработени. Но, тие не се доволни и во фондот се јавува кусок на средства. Тој кусок го надополнува централниот буџет. Во изминатата деценија, уделот на буџетските приходи во вкупните приходи на ФПИОСМ забележа драматичен раст кој достигна кулминација во 2017 година и изнедуваше 43.6%. Тоа означува дека скоро половина од пензиските исплати се вршеа од општиот буџет на државата. Во голема мера тој тренд беше растот на пензиидвижен од зголемување на пензиите во повеќе наврати и најчесто над износот предвиден за усогласување и, генерално, над стапката на пораст на домашната економија. По 2008 година, покрај еднократните зголемувања на пензиите, речиси сите редовни усогласувања на пензиите беа поголеми од порастот на економијата и на платите (правилото за усогласување во тој период). Значи, ваквите практики на раст на пензиите кој излегува надвор од законското усогласување, се покажаа дека се неодржливи.

Благица Петрески

Благица Петрески

Со цел да се обезбеди поголема одржливост на пензискиот систем, во 2019 година беше направена реформа во која товарот беше споделен помеѓу тековните вработени и тековните пензионери; тоа значеше благо зголемување на стапките на пензиските придонеси во две последователни години, а од друга страна осигурување дека пензиите ќе растат исклучиво според законски утврденото правило за усогласување, кое пак треба да води сметка за животниот стандард на граѓаните (растот на инфлација и платите). Таа реформа даде свои резултати, денес учеството на буџетските приходи во вкупните приходи на фондот е 33%. Импликациите од непочитување на правилата би биле дека дефицитот во фондот ќе продолжи да се зголемува, тој трошок ќе притиска врз буџетскиот дефицит и јавниот долг, значи ќе биде на товар на општото оданочување, што имплицира дека дел од расходите за пензии ќе ги покриваат плаќачите на даноци од кои дел во иднина можеби и нема да бидат под капата на ФПИОСМ затоа што не се во осигуран работен однос. На долг рок, импликациите се дека можеби ќе треба да се посегне по помалку-популарните механизми за реформи, кои беа дел од можните сценарија за реформа, а тоа вклучува зголемување на границата за пензионирање.

Кои се можностите и мерките со кои може да се излезе во пресрет на пензионерите а тоа сепак да биде буџетски издржано?

-Во услови на зголемени трошоци за живот, барањата за зголемување на пензиите се легитимни. И од особена важност е животниот стандард на пензионерите и на граѓаните воопшто да се задржи. Во сегментот на социјалната заштита, односно социјалните надоместоци и пензиите, клучно е нивното усогласување со порастот на трошоците на живот. Според податоците, усогласувањата на пензиите со трошоците на живот, како и ад-хок зголемувањата на пензиите во претходните две децении, овозможија порастот на пензиите да го следи или да го надмине порастот на трошоците на живот, и оттука, во целост да го заштити животниот стандард на пензионерите.

Оттука, потребно е да се зачува животниот стандард, а тоа ќе се обезбеди со усогласувањето на пензии кое е предвидено со Закон.

Треба да бидеме свесни дека во друг значаен дел барањата за значајно повисоки пензии и, воопшто плати на разни општествени сегменти и институции, произлегоа од постојаното поттикнување реторика дека платите може да пораснат без зголемување на продуктивноста. Да се навратиме на предизборните ветувања во кои високи минимална и просечна плата беа централни на сегашната владеачка партија, и со тоа се создава илузија дека платата може да расте без поголем труд, залагања, вложувања, вредност, што како тема е многу приемчива во нашето поднебје. А економската теорија е кристално јасна: повисока плата која не е придружена со повисока додадена вредност, ќе донесе само повисоки цени и ништо друго.

Втората причина за овој наплив на барања за повисоки примања е секако одлуката на Уставниот суд – и последователниот молк од страна на Владата – со која се одмрзнаа зголемувањата на платите на избраните и именуваните лица, што доведе до нивен кумулативен раст од 78%. Во моментов не навлегувам во тоа дали одредено ниво на плата е соодветно на тежината на работата и одговорностите на еден министер, меѓутоа за таков нагол скок на платите просто не беше ни време ни место. Како Finance Think, како и други разумни гласови во општеството, ја повикавме Владата да изнајде итен и неодложен механизам за воспоставување на првобитната состојба и да отвори дијалог во рамки на кој ќе се дојде до прифатливо решение за разумен пораст на платите на функционерите.

Што може државата да направи во насока на подобар пензионерски стандард?

-Прво, не треба да имаме илузија дека пензионерскиот стандард е низок. Да, значаен е сегментот на пензионери кои примаат пензија пониска од просечната, ама земете ја, на пример, стапката на сиромаштија кај пензионери од 7% и споредете ја со стапката на сиромаштија од 45% кај многудетните семејства. Што покажува тоа? Проблемот е што таквите, да ги наречам, депримирани општествени сегменти немаат доволен глас и немаат гласни претставници, или не се доволно голема група и не се интересни за политичките елити.

Сепак, ова не значи дека пензионерите треба да бидат заборавени. Напротив. Освен финансиското усогласување на пензиите, постои простор за понуда на сет од социјални услуги како оние општинско ниво кои ги нудат повеќе локални самоуправи, а дел се наменети за стари лица, како на пример мерката за помош во домот. Дел од потребите за услуги кои ги тангираат пензионерите, а беа идентификувани како приоритетни во една студија на Finance Think од 2019 година, беа и пензионерските домови и квалитетот на услуги кои тие установи ги нудат. Севкупно, потребно е да се размислува за мерки кои на долг рок и одржлив начин ќе креираат околина за подобар квалитет на живот на пензинерите, сфатен севкупно, а не само во финансиска смисла.

К.В.С.

Слични содржини