Петрески: Усогласувањето на пензиите треба да биде според тековната формула и не треба да вклучува скалести елементи

од Берта Китинска
844 прегледи

Извршната директорка на институтот за економски истражувања „Finance think“, Благица Петрески прави јасна дистинкција меѓу дилемата дали во вкупните околности пензионерите можат да се надеваат на ново, поголемо зголемување од најавеното и дали тоа треба да се случи.

„Дали може да следи ново зголемување, треба да одговори владата. Дали треба да следи и дали ФПИОМ тоа може да го издржи – не“, децидна е Петрески во интервју за „Локално“.

Според неа, новата формула која овозможува усогласување на пензиите со просекот од порастот на трошоците на живот и порастот на просечната плата дава поголема избалансираност на основата за корекција на пензиите гледано во подолга перспектива, бидејќи како што вели, во моментов сме во таква несреќна околност што растот на цените е висок, односно значајно повисок од она што некој можеше половина или година дена порано да го предвиди.

Оттука според неа, за пензионерите е клучно да се случува вакво усогласување кое ќе ја одржи нивната куповна моќ во услови на растечки цени. Петрески не се согласува со барањата на дел од пензионерите за скалесто зголемување со образложение дека износот на пензијата примарно треба да одразува колкав работен стаж поминал пензионерот и колкави примања имал за време на работениот стаж, што пак го одразува неговото образовно ниво, типот и нивото на работа што ја вршел итн.

Како очекуван го посочува фактот дека веројатно во вкупните околности, ќе се зголеми притисокот врз животниот стандард на пензионерите , но тврди дека тој притисок многу повеќе ќе го почувствуваат други групи од населението.

„Да ви илустрирам што значи тоа. Вкупната стапка на сиромаштија во земјава во 2020 г. (последен податок) изнесува 21.8%. Кај самохран родител со едно издржувано дете е 41.6%, додека во семејства со двајца родители со три или повеќе деца е неверојатни 45.6%, што значи скоро секое второ вакво домаќинство живее под линијата на сиромаштијата. Слична е и стапката на сиромаштија на невработените, 45.1%. Стапката на сиромаштија на пензионерите е 7%, значи многу пониска од овие стапки кои ви ги цитирав погоре“, образложува Петрески.

Владата најави зголемување на пензиите за околу 7% што е далеку од термините што најчесто се врзуваа кога се говореше за пензиите, “историско” и “рекордно” зголемување. Што ќе значи за пенизонерите ваквото зголемување во услови на двоцифрена инфлација?

-Зголемувањето на пензиите кое започнува од септември е едноставно законско усогласување, кое претходно беше изменето од усогласување само со порастот на трошоците на живот во усогласување со просекот од порастот на трошоците на живот и порастот на просечната плата. Иронично е што во меѓувреме порастот на трошоците за живот го надмина порастот на просечната

плата, односно реалната просечна плата почна да се намалува, поради што и оваа нова формула во моментов носи пониско усогласување на пензиите споредено со доколку во сила беше старата формула. Но, сепак, новата формула дава поголема избалансираност на основата за корекција на пензиите гледано во подолга перспектива, бидејќи во моментов сме во таква несреќна околност што растот на цените е висок, односно значајно повисок од она што некој можеше половина или година дена порано да го предвиди. Претходно пак, имавме релативно долг период на стабилни цени и релативно висок раст на просечната плата од 6% до 8% годишно. Се’ на се’, за пензионерите е клучно да се случува вакво усогласување кое ќе ја одржи нивната куповна моќ во услови на растечки цени.

Кој реално ќе се радува на повисоката пензија ако се знае дека примателите на најниските пензии од следниот месец ќе имаат за само 699 денари повисока пензија а речиси 70% од сите пензионери земаат пензија од 18 000 денари?

-Структурата на пензиите според нивната висина е насочена кон пониските пензии и во тој сегмент не се пристапи кон корекција на најниската пензија, што беше едно од ветувањата на владата. Меѓутоа, генерално, системот така функционира што при усогласување на пензиите за одреден процентуален износ, повисоките пензии ќе бидат зголемени повеќе во апсолутна смисла, имајќи предвид дека нивната висина е определена од годините работен стаж што ги остварил пензионерот и висината на неговата тогашна плата, што го определува и неговиот придонес во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Минатите три месеци пензионерите не добија по 1000 денари како дел од антикризниот пакет иако во сите три месеци животните трошоци без значително зголемени. Како може да се подобри нивниот животен стандард, дали овој начин на зголемување на пензиите е подобар отколку да се примени скалест раст?

-Во специфични околности како сегашната, односно при особено висок раст на цените, секако дека е важно евентуални мерки да бидат насочени кон најранливите сегменти, во случајов најранливите пензионери, односно оние со минимални и ниски пензии. Мојот став и претходно беше дека од додатокот од 1.000 денари месечно во периодот април-јуни годинава, требаше да бидат ислучени пензионерите кои примаат, на пример, над медијалната пензија, односно да се остави шоковите да ги апсорбираат преку реструктуирање на својата потрошувачка кошница, што пак е особено тешко да се направи кај ниските пензии. Да не заборавиме дека на макро-ниво важна е одржливоста на пензиските финансии, значи тие средства што се распоредуваат кај пензионерите, особено на ад-хок основа, мора од некаде да произлезат, односно да ги генерираат сегашните вработени преку нивните плати и растот на економија. Затоа е неопходно прудентно однесување.

Инаку, надвор од специфични ситуации како оваа во која се наоѓаме сега, усогласувањето на пензиите треба да биде според тековната формула и не треба да вклучува скалести елементи, бидејќи износот на пензијата примарно треба да одразува колкав работен стаж поминал пензионерот и колкави примања имал за време на работениот стаж, што пак го одразува неговото образовно ниво, типот и нивото на работа што ја вршел итн.

Со оглед на трендот на покачување на цените на сите услуги и храната, дали може да се очекува раст на бројот на сиромашни пензионери односно пензионери кои живеат на работ на егзистенција?

-Светот, Европа и ние поминуваме низ период на стагфлација, односно забавен и низок раст проследен со растечки цени. Ние како Finance Think, ги следиме макроекономските трендови и во последниот Макро-монитор проценивме дека стагфлацијата ќе се интензивира до крајот на годината, со зголемени шанси да влеземе во рецесија од почетокот на идната година. Значи, таа ситуација ги погодува сите, посебно оние кои се невработени и оние со пониски примања, бидејќи тие и поголем дел од својот буџет го трошат на храна и енергенси, чии цени драматично се зголемија. Вашето прашање во однос на сиромаштијата на пензионерите треба да се гледа во севкупниот контекст а не изолирано. Значи, во вкупните околности, веројатно е дека притисокот врз животниот стандард на пензионерите ќе се зголеми, меѓутоа тој притисок ќе се зголеми многу повеќе кај други групи од населението.

Да ви илустрирам што значи тоа. Вкупната стапка на сиромаштија во земјава во 2020 (последен податок) изнесува 21.8%. Кај самохран родител со едно издржувано дете е 41.6%, додека во семејства со двајца родители со три или повеќе деца е неверојатни 45.6%, што значи скоро секое второ вакво домаќинство живее под линијата на сиромаштијата. Слична е и стапката на сиромаштија на невработените, 45.1%. Стапката на сиромаштија на пензионерите е 7%, значи многу пониска од овие стапки кои ви ги цитирав погоре. Во оваа смисла треба да се гледа на сиромаштијата на пензионерите.

Дали може до крајот на годината да следи ново зголемување? Дали буџетот и Фондот за ПИОМ тоа може да си го дозволат?

-Дали може да следи ново зголемување, треба да одговори владата. Дали треба да следи и дали ФПИОМ тоа може да го издржи – не.

К.В.С.

Слични содржини