Петрески: Во ситуација на истрошен фискален простор, оперираме на психолошката граница на јавен долг од БДП од 60%, бројка која ќе биде надмината следната година

од Vladimir Zorba
266 прегледи

Успева ли новата Влада да им го олесни животот на се поосиромашените граѓани и колкави се нејзините резултати во вкупната економска политика? Внимателно одмерувајќи ги досега превземените чекори, професорот Марјан Петрески во разговор за „Локално“ анализира некои од нив, меѓу кои и последната мерка која подразбира список на прехрамбени производи со пониски цени.

Концептуално вели, не се согласува со неа. „Наместо тоа, треба да се засили и да се прошири мандатот на Комисијата за заштита на конкуренција и да се санкционира про-картелско здружување на пазарот. Да, тоа е потешкиот пат, ама ете тоа е пример за структурна реформа која треба да даде долгорочни бенефити“, вели Петрески.

Како подеднакво важни во низата реформи кои треба да ја откочат економијата ги наведува и владеењето на правото и институционалниот поредок, борбата со сивата економија, фискалното управување, реформите кај државната помош итн. Оттука според него, само  јасни и истрајни чекори на овие полиња ќе го оправдаат оптимизмот на Владата  за повисок економски раст наспроти очекувањата за годинешниот од само 1,8%.

„Очекувањето ми е дека ќе завршиме над 2% за целата година, но не значајно над таа бројкапроценува Петрески.

Како неопходност во фискалната политика, Петрески  ја посочува потребата од фискално дисциплинирање.

„Сега сме во ситуација на истрошен фискален простор, оперираме на психолошката граница на јавен долг од БДП од 60%, кој изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ предвидуваше дека ќе го задржи односно нема значајно да го зголемува. Но, сега таа бројка ќе отиде над 60% следната година и е отворено прашање дали и кога ќе видиме „прекршување“, вели Петрески.

За себе вели дека не е  оптимист по тоа прашање, а како аргумент го наведува линеарниот пораст на пензиите кој на годишно биво е трошок од 200 милиони евра.

Граѓаните, исто како и поголемиот дел од економистите не штедат зборови на критика во однос на владината мерка која требаше да донесе пониски цени на храната.Каде треба да ја препознаеме причината зошто купувачите не препознаа олеснување на куќниот буџет? Наместо замрзнување на маржата, какви поинакви мерки според Вас можат да бидат поефикасни?

-Главната причина што ефектите од оваа мерка не се особено видливи е смирувањето на инфлациските притисоци, посебно увозната компонента. Сведоци бевме дека и претходната Влада примени слични мерки, но тие беа спроведени во услови на поголеми нерамнотежи на пазарот, кои ни тогаш не беа особено предизвикани од увозни притисоци, туку од нешто што се нарекува неповолна пазарна структура. Имено, кај некои пазарни под-сегменти, ние немаме чисто конкурентски пазар, односно поблиску сме до некоја олигополска форма, или здружување на неколку големи играчи на пазарот кои потоа се договараат по која цена ќе го продаваат производот, најчесто наметнувајќи висока маржа.

Замрзнувањето на цените и маржите целеше и цели да ја корегира оваа аномалија на пазарот. Затоа, краткорочно ваква мерка ќе даде резултат, како што и даде во претходните турнуси, меѓутоа не го решава проблемот во неговата суштина. Оттука, концептуално јас не се согласувам со таквата мерка. Чув дека не се согласува ни министерката за финансии. Наместо тоа, треба да се оснажи и да се прошири мандатот на Комисијата за заштита на конкуренција и да се санкционира про-картелско здружување на пазарот. Да, тоа е потешкиот пат, ама ете тоа е пример за структурна реформа која треба да даде долгорочни бенефити за кои зборував погоре.

Да се вратам на ефектите од мерката која е моментално на сила. Значи, поголеми ефекти изостануваат бидејќи сега тие тенденции на притисок врз маржите поради неповолната структура на пазарот беа и се значајно помали. Но, не значи дека ефектите ги нема, особено кај некои од производите кои се предмет на мерката. Тешко ми е прецизно да проценам, но би рекол дека ако во октомвриската инфлација видиме месечна бројка околу 0% кај храната, тогаш би можеле апроксимативно да речеме дека мерката извршила некаква улога.

Стопанските комори неколкупати досега посочија дека Законот за нефер трговски практики  би бил многу попродуктивен од сезонските листи со поефтини производи. Дали според Вас на овој начин ќе се стави крај на самоволието на одреден број трговци?

-Се согласувам дека Законот за нефер трговски практики може да воспостави одреден ред во односите помеѓу различните точки од синџирот на снабдување. Неопходна е негова ефикасна примена, главно начинот на спроведување на инспекциите што претпоставувам е во надлежност на Пазарната инспекција. Ова, во комбнација со она што го кажав за Комисијата за заштита на конкуренцијата треба да даде поповолни резултати на среден до долг рок.

Ако тргнеме од проценките на Светска банка дека економскиот раст оваа година ќе биде скромни 1,8%,се отвора дилемата кои домашни фактори се клучни за ваквиот слаб раст во однос на цел Западен Балкан и на што Владата го темели својот оптимизам за смена на работите?  

-Не е за изненадување надолната ревизија на проекцијата за растот од страна на Светската банка, бидејќи бројките за првата половина од годинава покажуваат благо-позитивна но недоволна динамика да се постигне значајно повисок раст. Во првата половина од годината, остварениот раст е 1.8%. Лично очекувам дека втората половина ќе биде нешто подобра, бидејќи она што веќе го имаме како индикатори за третиот квартал и очекувањата за четвртиот квартал се дека таа блага позитивна динамика е задржана. Така што, очекувањето ми е дека ќе завршиме над 2% за целата година, но не значајно над таа бројка.

Меѓутоа, Светската банка идентификува два клучни фактори за намалувањето на проекцијата, кои се одраз на фактичката состојба, а тоа е де-факто неотпочнувањето на клучниот инфраструктурен проект, автопатските коридори 8 и 10а, што ќе ги гради Бехтел-Енка, и забавувањето на надворешната побарувачка, посебно стагнацијата на германската економија. Но, во однос на Бехтел-Енка, државата веќе направи плаќање на одредена транша, и верувам дека се работи на што поскор старт, односно дека тој е одложен поради технички и правни пречки кои ќе се отстранат, така што ефектот што тој проект ќе го даде за економијата, а кој не е за потценување, односно се движи од 0.5 до 1 процентен поен придонес кон растот, кога-тогаш, ќе дојде.

Ние повеќе треба да сме загрижени за другите клучни реформи кои треба да ја откочат економијата, а за кои константно зборуваме, на пример, владеењето на правото и институционалниот поредок, борбата со сивата економија, фискалното управување, реформите кај државната помош итн. Очекувањата од Владата, во делот на стручната јавност барем, се фокусирани на овие сегменти. Така што, ако направат јасни, недвосмислени и истрајни чекори на клучните реформски полиња, тогаш ќе има основа за нивниот оптимизам во однос на растот и в година и во годините по неа. Во спротивно, завршуваме на ист начин како и претходната деценија-две: си проектраме желби наместо она што е реалност за економијата.

Македонија се соочува со растечка инфлација што значително влијае на животниот стандард на просечниот граѓанин. Ова се случува по кус период на нејзино релативно стабилизирање, па оттука и прашањето кои се главните причини за растечкиот тренд? Како ги оценувате економските политики на новата Влада и  нивните обиди да ја скротат инфлацијата?

-Не се согласувам со вашата констатација дека инфлацијата е растечка, односно бројките го говорат спротивното. Инфлацијата значајно забави, последната бројка од септември 2024 година е годишна инфлација од 2.6%и месечна динамика од 0.3%. Значи, споредено со пикот на инфлацијата кон крајот на 2022 кога таа достигна 19.8%, бројка која ја немавме видено во поновата историја, сега имаме многу покомфорна ситуација и поволен тренд. Дури и ако ја анализираме структурата на септемвриската бројка, ќе видиме дека таа во голема мера е движена од случувањата кај овошјето и зеленчукот, кај кои дел се резултат на сезонски движења, а дел на пазарната конјунктура која годинава е веројатно поповолна за производителите и во поглед на извозот на овие производи, што ја одржува цената релативно висока.

Во август, по шест месеци постојано намалување, Агенцијата  за вработување регистрираше нов раст на невработените. На што се должат најновите бројки?

-Не сум загрижен, бидејќи се работи за некоја сезонска варијација. Она што го покажаа податоците од Анкетата за работна сила, која е померодавна за пулсот на пазарот на трудот, е дека имаме благо придвижување во поглед на активација на населението. По пандемијата имавме продолжен период на пасивизирање на населението, односно обесхрабреност да се бара работа. И понатаму бевме сведоци на намалување на стапката на невработеност, но паралелно стагнираше па дури и опаѓаше стапката на вработеност. Тоа беше токму резултат на т.н. излегување на населението од активно барање работа. Осцилациите што ги гледаме кај АВРМ може да се должат и на таа помала воздржаност на пазарот на трудот во поглед на активното барање работа во последниот период. Но, ќе го следиме трендот во следните месеци и ќе видиме како се развива таа работа за да дадеме попрецизна оценка.

На кои мерки мисли Владата кога во фискалната стратегија за 2025-2029 планира јавен долг од 66,4 % ?

-Во однос на фискалната политика, клучно е фискално да се дисциплинираме. Ние сме фискално недисциплинирани. Имавме периоди на кризи кога долгот мораше да расте за да спасуваме доходи и работни места, меѓутоа имавме и периоди кога можевме да го изградиме фискалниот простор, но тоа не го правевме. Сега сме во ситуација на истрошен фискален простор, оперираме на психолошката граница на јавен долг од БДП од 60%, кој изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ предвидуваше дека ќе го задржи односно нема значајно да го зголемува. Но, сега таа бројка ќе отиде над 60% следната година и е отворено прашање дали и кога ќе видиме „прекршување“. Не сум особен оптимист по тоа прашање, особено бидејќи ниедна Влада не успеа да направи видлива и истрајна рационализација на расходната страна, особено во сегментите кои се „сива зона“ за јавните финансии, и кои оптимално може да обезбедат фискален простор за понизок буџетски дефицит или за попродуктивно инвестирање на јавните пари.

Напротив, она што го видовме од новата Влада е дека, покрај фактот што затекнала истрошеност на буџетот, што ние економистите го знаевме како јавно-достапна бројка, сепак мораше да прибегне кон исполнување на своето централно ветување за линеарен пораст на пензиите, кој на годишно ниво е инкрементален трошок од 200 милиони евра. За пензионерите секако ова е многу позитивно, но гледано стручно и низ призма на економска анализа, тоа е искористување на дискрециското овластување да се троши од буџетот, што потоа резултира во фискална недисциплина. Ќе ги видиме предлозите за изгледот на буџетот 2025.

Дали и вие го делите оптимизмот на Владата дека догодина ќе има своевиден рестарт на капиталните инвестиции ( јавни и директни) и поголема правичност во оданочувањето?

-Во поглед на капиталните инвестиции неопходно е да се биде реалист и тие да се проектираат согласно на нашите капацитети како држава за изведба на тие капитални проекти. Второ, важно е да се дебатира за приоритизација, односно што е тоа што ќе генерира поголема додадена вредност, поголем мултипликативен ефект за економијата. Јас долго повикувам на таква аргументирана и базирана на докази дебата, меѓутоа на тоа поле исчекор не се направи. Не се согласувам со политичкото контекстуализирање на некои од капиталните проекти, особено не ако тие веќе отпочнале на било каков начин. Меѓутоа, повеќе економска отколку политичка дебата и анализа, особено за таквите проекти, може да е од поголема помош.

Во однос на правичноста во оданочувањето – таа почнува со борбата со сивата економија. Со сива економија од 20-30% од БДП, вие имате неприбрани даночни приходи од близу милјарда евра, што е петтина од буџетот. Правичност е тој што не ги плаќа јавните давачки, да почне да ги плаќа. Секое поинакво сфаќање на правичноста – како што евентуално ја сфаќаат во Данска или во Шведска, во моментот е само јалова дебата и залудно трошење време, како што и видовме во мандатот на претходната влада. Затоа и во таа насока нема да дебатирам.

Македонија е меѓу земјите со најголем одлив на образовани кадри. Подеднакво има расчекор меѓу понудата и побарувачката, односно поради знаењата, способностите и вештините, одредени дејности „плачат“ за работници, додека пак кај други тие се суфицитарни. Како конечно да научиме да го регулираме пазарот на труд?

-Несовпаѓањата кај занимањата на пазарот на трудот се критична точка во услови на т.н. недостиг од квалификувана работна сила на пазарот. Клучно е да се зајакнат активните мерки на пазарот на трудот, кои вклучуваат акции за преквалификација и доквалификација, а може да се развијат и во насока на поддршка на локална мобилност на работната сила; а истовремено да се елиминираат пасивни мерки и да се санкцонира потпирање на сивата економија. На пример, добар сегмент од активните баратели на работа во АВРМ за кои ме прашавте погоре се и приматели на гарантирана минимална помош, која за работоспособните треба да е краткорочна и да помогне примателите што побрзо да најдат работа, а не да се смета како долгорочно решение на нивните животни проблеми. Додека, друг сегмент се лица кои заработуваат во сивата економија, но се пријавуваат во АВРМ затоа што користат или сметаат дека може ќе искористат одредени бенефиции од државата. Во двата случаи, тој што е оштетен е системот во целина и затоа е потребно структурно адресирање на тој проблем, кој среднорочно ќе помогне во адресирањето барем на некои од јазовите на пазарот на трудот.

К.В.С.

Слични содржини