Петров: Маскираните лица се надворешни групи кои се инфилтрираат меѓу демонстрантите за да предизвикаат ескалација

од Берта Китинска
510 прегледи

Францускиот предлог и натаму е предмет на широки консултации, но и на протести, кои изминативе денови беа одбележани со инциденти.

„Постојат серија објективни причини за незадоволство на граѓаните од т.н. “Француски модифициран предлог“, како што се контроверзите околу првата негова верзија која не е објавена, а премиерот ја одби“, вели во разговор за „Локално“, Зоран Петров, поранешен заменик министер за надворешни работи и актуелен национален координатор за имплементација на платформата занамалување ризици од катастрофи.

-Од една страна, луѓето се манипулираат во делот на подгревање на нивните страсти и насочување на целта на протестите, а тоа е промена на власта. Од друга страна, постојат серија објективни причини за незадоволство на граѓаните од т.н. “Француски модифициран предлог“, како што се контроверзите околу првата негова верзија која не е објавена, а премиерот ја одби. На тоа се надоврзаа различните изјави на македонските и бугарските носители на процесот околу степенот на неговата модификација, лошата стратешка комуникација со јавноста на македонската страна околу целиот преговарачки процес, негово спроведување во тесни кабинетски рамки со невклучување на опозицијата, како и необјавувањето на содржината на записникот, односно протоколот од вториот состанок на Мешовитатата комисија, смета разузнавачкиот аналитичар.

Конечно, а можеби и најважно, според него е тоа дека мора да се разбере природниот гнев на граѓаните од „тормозењето на Македонија преку бесконечните барања од соседите“.

-На кои им се дава меѓународен легитимитет, без никакво разбирање за апсурдноста на таквите барања, во конкретниот случај од ЕУ и тоа со ставање пред свршен чин, односно со понуда за почеток на преговори со од типот „земи или остави“. А кога голем број од етничките Македонци се лути и се чувствуваат изневерено, излажано и онеправдано, секогаш на сцена стапуваат опозициските политички партии, ги подгреваат страстите и ги зголемуваат тензиите, насочувајќи ја вината кон власта од која се бара итна оставка. Тоа веќе е фолклор, подвлекува тој.

Во врска со тоа дали е можно протестите да ескалираат, Петров потенцира дека сé е можно „кога ќе се влезе во зоната на ирационалноста и колективната хистерија“ .

-Сепак, забележувам засилени иницијативи, особено од т.н. „помали партии“ кои, морам да потенцирам, во оваа зовриена ситуација покажаа исклучителна воздржаност, рационалност и државнички капацитет, за целата работа да се префрли во Парламентот и таму да се дебатира. Во таа насока беше иницијативата на претседателот на ДС, Павле Трајанов, за формирање работни групи од политичките партии за разгледување на „Францускиот модифициран предлог“, која беше прифатена, а првиот состанок, се одржа вчера. Очекувам во наредните денови да се продолжи со усогласување на ставовите на сите политички чинители и конечно да се отвори широка дебата во Собранието. Не гледам друг начин за деескалација на состојбите, освен преку градење политичка волја и што е можно поширока позиција за наредните чекори на Македонија. Сите други опции водат кон дополнителни поделби на граѓаните и меѓуетнички конфронтации, смета тој.

Маскирани лица стануваат придружен елемент на многу протести

Разузнавачкиот аналитичар вели дека лицата кои носта фатомки се најагресивните демонтранти со кои треба да се занимаваат безбедносните служби, а не политичките партии или на ФБ „детективите“.

-Одговорот е многу едноставен, луѓето се маскираат за да ги трансформираат мирните протести во насилни, а при тоа да се скрие нивниот идентитет. Ако ги погледнете снимките од судирите меѓу полицијата и демонстрантите ширум светот, ќе забележите дека секогаш најагресивните демонтранти се со покриени лица, било со марами, било со т.н. „фантомки“. Обврска на безбедносните служби е да ги пронајдат и да ги приведат тие лица, да се открие нивниот идентитет, кои се нивните крајни мотиви и кој стои зад нив. Повторувам, тоа е работа на безбедносните служби, а не на политичките партии или на ФБ „детективите“, смета разузнавачки аналитичар.

Петров е на мислење дека маскираните лица во протестие се групи кои се инфилтрираат меѓу демонстрантите со цел да предизвикаат ескалација со насилство.

– Факт е дека последниве години маскирани лица стануваат придружен елемент на многу протести. Се појавуваат ненадејно, очигледно претходно организирани, мотивирани и соодветно опремени со „реквизити“ за конфликт со полицијата или со спротивставениот табор демонстранти, започнуваат со насилство, фрлање тврди предмети или тепачки, а кога другата страна, најчесто органите на редот, ќе возврати, први исчезнуваат од сцената. Целите на ваквите групи се различни, во еден случај да се испровоцира полицијата на реакција, за потоа да се обвини за прекумерна употреба на сила, а во друг случај, да се искомпромитира одреден мирен протест и неговите организатори да се обвинат за насилство. Според мене, станува збор за надворешни групи кои се инфилтрираат меѓу демонстрантите со цел да предизвикаат ескалација со насилство, објаснува аналитичарот.

Протестите од „Шарена револуција“ и сегашните се слични во многу елементи

Според Петров протестите од 2016 година од „Шарена револуција“ и сегашните се слични во многу елементи, освен „во сегментот на етничката ексклузивност“ .

-Масовните демонстрации во 2015 и 2016 година познати како „Шарена револуција“, започнати како студентски протести, а засилени со т.н. „бомби“, односно прислушувани разговори, беа реакција на еден авторитарен режим. Беа политички, идејно, социјално и етнички инклузивни, односно изразуваа граѓански отпор и револт против заробената држава од тогашната власт. Сегашните се слични во многу елементи, освен во сегментот на етничката ексклузивност, што претставува опасна комбинација, бидејќи директно се судираат интересите на двете доминантни заедници во Македонија.

За тоа дали се криеја тогаш и колку сега има странските влијанија во предизвикувањето на протестите , аналитичарот потенцира дека во 2016 година била очигледа поддршката САД или од ЕУ.

-Тогаш не се криеја. Беше очигледна западната поддршка на „Шарената револуција“, главно преку нивните медиуми, но и преку високи претставници од САД или од ЕУ. Сега се кријат. И носителите и крајните намери., подвелкува тој.

Б.М.

Слични содржини