„Го разбирам гневот на граѓаните. Донекаде и го оправдувам.Додека едни ги почитуваат правилата и седат дома за време на полицискиот час, други си прават прослави, литии, шетаат по гости па дури и гордо изјавуваат дека КОВИД-19 не постои и дека сме го победиле“, пишува во својот Фејбукс статус Коста Петров потпреседател на СДСМ.
Тој вели дека разочарува фактот дека што една ваква глобална криза чиј ефект го чувствуваме апсолутно сите, се претвори во политичко препукување и битка за политички поени.
„Она што се случуваше викендов уште еднаш покажа дека несовесните граѓани, они кои се против правилата за доброто на сите, повторно, по кој знае кој пат, ги победија оние разумните, почитувачите на правилата за заедничко добро.Викендов ни покажа и дека МВР не само што воопшто не се грижи за граѓаните, туку работи и против нив. Не знам како на поинаков начин да го објаснам нивното ноншалантно однесување.
Оваа криза ни покажа дека политичките партии не можат да постигнат консензус ни за најважното прашање – здравјето на граѓаните. Додека, од една страна, се повикува на почитување на правилата, другата страна не само што ги крши правилата туку и креира нивни, нови правила.Најважно од сѐ, оваа глобална криза ни покажа дека без ред, правда и дисциплина, никогаш нема да бидеме земјата што сите ние посакуваме да бидеме.Несовесното однесување на одредена група на граѓани и игнорантно однесување на МВР е шамар врз сите граѓани на земјава. Шамар е врз здравствените работници кои се во првата линија во борбата со корона вирусот. Шамар е за сите претприемачи кои поради оваа криза беа приморани да ги затворат своите фирми. Шамар е за сите граѓани кои ја изгубија својата работа против кризата со вирусот.Шамар е за целата држава“, пишува Петров.