„Сè што би сакал да знаев порано“ е книга за најважниот разговор во нашите животи а тоа е разговорот со детето во нас. Многу касно сфатив дека многу од работите што сум ги правел во животот биле за да го задоволам детето во мене а не бидејќи навистина сум сакал да ги направам. Сфатив дека и премногу товар сум носел овие 39 години очајно обидувајќи се сите да ме сакаат и да ги задоволам очекувањата на луѓето околу мене, вели во интервју за „Локално“ Коста Петров, кој оваа недела ќе ја промовира својата нова книга.
Кога ја геда книгата како целина, вели дека најтешкото поглавје било она во кое пишува за моќта на самопростувањето.
-Ние сме научени лесно да им простуваме на другите но најлоши сме кон себе. Некои работи, претешко ни е да си ги простиме, колку и да се трудиме. Потребно е многу работа но и храброст да си простиме себеси но кога ќе го направиме тоа, тогаш навистина почнуваме да живееме без товарот на грешките од минатото, истакнува Петров.
За идејата за поткаст, од кој веќе се емитуваа 4 епизоди а во план се 10, вели дека постои веќе некое време но поради работните обврски никогаш сериозно не размислувам на оваа тема.
-Кога ја завршив книгата, сакав малку подетално да ги споделам моите размислувања со публиката и одлучив да одберам 10 поглавја од книгата и токму тие теми да ги продискутирам со луѓе од мојот круг. Презадоволен сум од реакциите и се радувам на секоја нова епизода, порача тој.
Благодарен е за искуството во политиката, но минатото е во минатото.
-Јас никогаш не се враќам во минатото. Живеам во сегашноста, истакна во интервјуто поранешниот директор на ФИТР.
Неделава ќе ја промовирате вашата шеста книга „Сè што би сакал да знаев порано“. Накратко, што можат читателите да очекуваат од новото дело?
-„Сè што би сакал да знаев порано“ е книга за најважниот разговор во нашите животи а тоа е разговорот со детето во нас. Многу касно сфатив дека многу од работите што сум ги правел во животот биле за да го задоволам детето во мене а не бидејќи навистина сум сакал да ги направам. Сфатив дека и премногу товар сум носел овие 39 години очајно обидувајќи се сите да ме сакаат и да ги задоволам очекувањата на луѓето околу мене. Трчајќи по моите соништа се изгубив себеси. Ова е книга за враќањето кон себе, за важноста на грижата кон себе. Ако едно научив овие 39 години тоа е дека ако не си добар кон себе не можеш да бидеш добар кон никого.
Книгата содржи 40 поглавја. Кое поглавје ви беше најтешко да го напишете?
-Секое поглавје си имаше своја тежина. Не е лесно да ги преточиш мислите во неколку страни а притоа да не ги почувствуваш сите можни емоции, и оние на радост но и оние кои ти носат тага. Оваа книга значеше и враќање кон некои болни моменти во минатото и пишувањето беше своевиден тест дали навистина сум надминал одредени трауми во во животот или сеуште ги чувам закопани во мене. Кога би ја погледнал книгата како целина би рекол дека најтешкото поглавје беше она во кое пишувам за моќта на самопростувањето. Ние сме научени лесно да им простуваме на другите но најлоши сме кон себе. Некои работи, претешко ни е да си ги простиме, колку и да се трудиме. Потребно е многу работа но и храброст да си простиме себеси но кога ќе го направиме тоа, тогаш навистина почнуваме да живееме без товарот на грешките од минатото.
Во изминатиов период имавме можност да прочитаме неколку цитати од вашата книга на друштвените мрежи. Кој цитат од книгата ви е најомилен?
-Оној што е всушност и моето своевидно животно мото а тоа е дека некогаш е подобро да ги разочараш другите отколку да се разочараш себеси.
Тука е и вашата прва детска сликовница со наслов „ЈАС и ТИ: Како ЈАС стана суперхерој“. Што ве инспирираше за овој нов потфат?
-Отсекогаш сум сакал да напишам детска сликовница но како и во се во животот, секогаш ги прекомплицирам работите. Моите мисли се сложени, прекомплексни и некогаш сум си конфузен и самиот на себе а за детска сликовница навистина треба да имаш јасна и чиста мисла и сите тие комплицирани идеи и разговори да ги преточиш во малтене една реченица. Не ми беше во план да издадам детска сликовница но едно утро, во 4 часот, сосема случајно ми дојде идејата и ја напишав сликовницата за 20тина минути. Сликовницата е збир на сите работи што би сакал некој мене да ми ги кажеше кога бев дете.
Земајќи во предвид дека ова ви е прва сликовница, колку беше различен процесот на креирање на сликовницата, споредено со пишувањето на книга?
-Пишувањето на книга е индивидуален процес. Можеби и помалку себичен. Не ја споделуваш книгата со никого додека ја пишуваш. Тоа се твои мисли, твои размислувања, твои верувања. Се разбира пред да излезе книгата, има лектура итн, но сепак кога пишувавш книга, ти си сам со своите мисли. На пример јас кога ќе ја завршам книгата, ставам точка не само на книгата туку и во главата. Не сакам да се навраќам на неа. Јас освен Се гледаме на врвот по завршувањето на процесот на пишување, немам прочитано ниедна своја книга. Едноставно се одврзувам од мислите и тоа е тоа. Пишувањето на сликовница е тимски процес бидејќи јас како автор го пишувам како текстот. За една сликовница да биде добра, најважната е илустрацијата. Јас сум пресреќен што илустраторката Љупка Стојкова направи одлични илустрации и иако се плашев на почетокот бидејќи во мојата глава точно знаев се како треба да изгледа талентот, Љупка ме воодушеви уште со првиот цртеж. Пресреќен сум со сликовницата и едвај чекам да ја споделам со публиката.
Вашиот најнов поткаст е врзан со вашата најнова книга. Какви теми обработувате и дали има интерес од публиката?
-Идејата за поткаст постоеше веќе некое време но поради работните обврски никогаш сериозно не седнав да размислувам на оваа тема. Кога ја завршив книгата, сакав малку подетално да ги споделам моите размислувања со публиката и одлучив да одберам 10 поглавја од книгата и токму тие теми да ги продискутирам со луѓе од мојот круг. Презадоволен сум од реакциите и се радувам на секоја нова епизода. Веќе се емитуваа 4 епизоди а во план се 10 епизоди.
Вие сте основач на Пи Ворлд, глобална креативна агенција со канцеларии во Скопје и Монтреал. Колку генерално сте задоволни од работата на компанијата чиј основач сте и дали има интерес за вашите услуги?
-Пи Ворлд за мене е повеќе од компанија. Таа е за мене доказ за исполнет сон и пример дека секој предизвик со себе носи нови лекции. Компанијата ја основав во декември 2010та година. Постоиме веќе 13 години, имаме канцеларии во Скопје и Монтреал. Во последниве 13 години организиравме над 600 бизнис настани во 40 различни земји во светот. Во овие 13 години со Пи Ворлд сме преживеале апсолутно се што може една компанија да преживее. Некогаш со колегите се шегуваме дека единствено нешто што немаме преживеано е напад на вонземјани. Прегорд сум на успехот на компанијата и се радувам на секој нов проект. Најубавото со работата во Пи Ворлд е тоа што имаме можност да соработуваме со најголемите светски брендови. Бескрајно сум благодарен што ја имам можност да учам од најдобрите.
Промовирање на новата книга во октомври, поткаст, организирање бизнис конференции…периодов е доста зафатен, но што би можеле да ни откриете за идните проекти?
-Интересно прашање бидејќи за првпат во мојот живот не правам планови. Едноставно сакам да научам да живеам. Цел живот се фокусирав на исполнување на некакви си соништа и цели. Сега, во овој момент сакам да живеам. Немам веќе потреба од холивудски соништа и врвови. Еден пријател пред некое време ми кажа, среќата е во малите нешта и навистина е така. Животот е да се живее и јас сакам да го живеам до максимум, сега, во овој сегашен момент.
Вашиот „излет“ во политиката заврши, па една споредба со тој свет и она што го работевте претходно и во моментов? Дали би се вратиле ли во некоја улога повторно доколку се појави вистинска шанса?
-Благодарен сум за искуството во политиката но минатото е во минатото а јас никогаш не се враќам во минатото. Живеам во сегашноста.
Редакција Локално