„Како В.Д директор на Фондот за иновации и технолошки развој, ги отфрлам обвинувањата пласирани на прес конференцијата на ВМРО ДПМНЕ како и во некои медиуми, во кои се оспорува исправноста на моето работење“, реагира Коста Петров на пресот на Арсовски од опозициската партија.
Со цел, точно информирање на јавноста, ги наведувам следните факти:
Прво, промоцијата на ФИТР како институција која треба да ги поттикне и поддржи младите иноватори и претприемачи во нивните идеи е заложба на секој вработен во Фондот, но пред сé, моја лична.
Видеата со млади успешни претприемачи и иноваторите кои ја добиле поддршката од Фондот се направени единствено со оваа цел, а не како што се наведува, за моја промоција како директор на институцијата, уште помалку како функционер во партијата.
Видеата се направени во моја продукција, а за нив не е потрошен ниту денар државни пари, што лесно може да се провери со увид во фактурите на Фондот. Истите не се реализирани во рамките на договорите со маркетинг агенциите кои се споменуваат, за кои дополнително информирам дека се договори кои јас ги наследив од претходното раководство по моето доаѓање на функцијата. Договорите се направени во септември минатата година и потпишани од претходниот директор, Јован Деспотовски.
И покрај обидите на некои структури да ја дискредитираат мојата работа, јас останувам посветен на промоција и подобрување на имиџот на Фондот и поттик на иновациите, како механизам за остварување забрзан технолошки и економски раст и развој во земјата“, посочува тој.