Петрова ја презеде функцијата директорка на УЈП

од Nikola Popovski
65 прегледи

Денеска Елена Петрова формално ја презеде функцијата директорка на УЈП, од заменик на директорот, Мевљудин Синани. Елена Петрова е професионалец со долгогодишно работно искуство во УЈП, која во моментот на назначувањето беше раководител на Секторот за наплата и управување со долгови.

Директорката Елена Петрова изјави дека нејзина долгорочна и стратешка агенда е трансформацијата на УЈП, создавање „нов лик“ на УЈП, „нов амбиент“ и за даночните обврзници, за даночните службеници и за соработниците на даночната администрација.

„Во УЈП ќе поттикнам динамичен курс на работа со цел за дигитализација и трансформација, за да обезбедиме плаќањето данок и услугите од УЈП да бидат најмало можно административно оптоварување, а што повеќе да бидат „природно“ вградени во деловните системи на компаниите и на „близок дофат“ на граѓаните“, изјави Петрова.

„Оданочувањето е како едно тркало кое постојано се врти, а лостот на кој се потпира има две страни – УЈП и даночните обврзници. Ќе негуваме кооперативност со даночните обврзници преку мрежи за директна соработка и отворена дебата за сите заеднички предизвици во плаќањето даноци и остварување на даночните права. Даночните обврзници спроти себе не треба да имаат бирократи кои настапуваат од позиција на моќ, туку администрација која обезбедува лесно достапни информации, едноставни алатки и директна помош кои ќе водат кон точно и навремено плаќање на даночните обврски и лесно и брзо оставрување на своите права.

Ќе ја интензивирам соработката со меѓународните организации, експертската јавност, медиумите и други засегнати страни. Со заеднички напори треба да оствариме позитивно влијание, зголемена даночна свест и даночен морал во општеството.

Најавувам бескомпромисна борба со неплаќачите и затајувачите на данок и криминалните даночни измами. Следува одговорност и казни за секој што ги оштетува народните пари заради противправно стекнување лична имотна корист.

Време е за напорна работа и резултати, затоа што светот нема да ја чека УЈП, ниту даночните обврзници, ниту новата технологија, ниту даночните измамници“, стои во целото обраќање на Петрова откако ја презеде функцијата.

Слични содржини