Петрова: „Криза“ во УЈП – вработените се изложени на трпење последици од одлуката на претходната директорка

од Nikola Popovski
112 прегледи

Во претходниот период, претходната директорка на УЈП донела одлука и акти кои се незаконски и заради кои сега внатре имаме „хаос” во организирањето на некои работни процеси и сме соочени со исправање на последици. Незаконитоста и формално-правните неправилности ги констатираа и Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот инспекторат за труд, изјави денеска директорката на УЈП, Елена Петрова на брифинг со новинарите.

Според неа, ДИТ на записник констатира незаконитости на колективната одлука за прекинување на старите договори за вработување со кои претходната директорка ги откажала договорите за вработување на сите вработени во УЈП, а воедно им наредила да продолжат со работат до склучувањето на нови договори според новите интерни правилници, поради што ДИТ донесе Решение со кое наложи на УЈП да ја поништи незаконитата Одлука.

-Од друга страна, ДКСК констатира повреда на изборниот процес. Во моментов, јас сум соочена и треба да ја извршам наредбата на трудовиот инспекторат со која ми се наложува поништувањето на Одлуката, што практично значи поништување и на сите нејзини правни последици, односно тоа значи дека ќе се поништат договорите со вработените склучени по распишување на изборите, што има свое влијание и врз платите исплатени на определени вработени кои добиле повисоки плата со промена на нивниот статус.

Најмногу засегнатите – вработените во УЈП сега се изложени на трпење последици од одлуката на претходната директорка на УЈП. Но, вработените од УЈП најмалку се виновни за настанатата „криза”. Затоа, преку соработка со синдикатите се обидуваме заеднички да најдеме решение кое ќе има најмалку последици за било кој вработен во УЈП, посочи Петрова.

Директорката информира дека процесите на поништување на старите и склучување на нови договори со сите вработени во УЈП се одвивале во изборниот период.

-Оваа настаната ситуација можела и да се избегне доколку сите овие секако задоцнети процеси се спроведувале во законскиот рок. Имено, согласно измените на ЗУЈП, актите на УЈП требало да бидат донесени во законски рок до 3 ноември 2023 година, а се донесени со задоцнување на 9 февруари оваа година, во пресрет на изборниот период. Согласноста од Министерството за информатичко општество и администрација за овие правилници била издадена врз основа своевидна „манипулација” и вметнување на работни места во правилниците за кои немало намера да бидат пополнети и не се пополнети. Уште повеќе, согласноста е издадена истиот ден 9 февруари кога министерот, кој ја потпишал, бил разрешен, што е морален и политички хазард. Ова фрла црна „дамка” на целиот процес, рече меѓу другото, новата директорка на УЈП.

Слични содржини