Петрова: Нема ретроактивно оданочување за граѓаните кои работеле во странство

Директорката на Управа за јавни приходи, Елена Петрова, изјави дека нема да има ретроактивно оданочување на граѓаните кои работеле во странство, но потсети дека тие се должни да ги пријават своите приходи и да достават докази за платен данок.

од desk4
15 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Сител Тв

Директорката на Управа за јавни приходи, Елена Петрова, изјави дека нема да има ретроактивно оданочување на граѓаните кои работеле во странство, но потсети дека тие се должни да ги пријават своите приходи и да достават докази за платен данок.

По средбата со Сојузот на стопански комори, Петрова појасни дека обврската за пријавување приходи од странство постои уште од 2020 година. Според неа, дел од граѓаните денес се соочуваат со потешкотии при обезбедување документација за платениот данок во земјите каде што работеле.

Таа нагласи дека УЈП презема мерки за олеснување на постапката, вклучувајќи прифаќање на различни видови докази, како и воспоставување административна соработка со странските даночни администрации со цел размена на потребните податоци.

Доставување документи и дополнителни проверки

Од околу 1.100 граѓани кои работеле во Авганистан и Ирак, досега приближно 200 веќе доставиле соодветна документација. За останатите случаи, УЈП побарала списоци и податоци од компаниите со цел службена проверка на даночните обврски.

Дополнителни контроли ќе се спроведуваат и за граѓаните кои биле ангажирани во мировни мисии, каде што данокот бил плаќан преку Министерството за одбрана.

Петрова најави дека аконтациските решенија за 2020 година ќе бидат заменети со конечни решенија, а процесот на корекција ќе биде ставен во мирување сѐ додека не се обезбедат сите потребни податоци.