Ставот за РС Македонија е непроменет. Нема простор за дезинформации, изјавила вечерва на вонреден брифинг заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова, пренесуваат бугарските медиуми.
-Ние се придржуваме до рамковната позиција потврдена од Националното собрание, а потоа и од одлуките на Советот за безбедност. И јас и министерката Генчовска неколку пати ја потврдивме позицијата на Бугарија во различни разговори со други претставници на земјите-членки, рече Петрова.
Таа истакна дека од страна на РС Македонија е исклучително важно Бугарија да види јасни дејствија и подготвеност за почитување на Договорот за добрососедство.
-Пристапниот процес мора да се заснова на почитување на човековите права и почитување на правилата за добрососедство, нагласи Петрова.
-Очекуваме акција и дејствија од РС Македонија, додаде таа.
Петрова ги повика медиумите да го користат примарниот извор на информации, а тоа е бугарското Министерство за надворешни работи.