Петровиќ: Кога добивам улоги повеќе не е прашањето дали ќе можам да ги одиграм, туку како

од Stefanija Kuzmanovska
572 прегледи

Филмската индустрија кај нас тргна во посакуваниот правец, имавме големи успеси изминатиов период, а во театарот се потребни радикални промени ако сакаме да одиме напред. Има млади луѓе полни ентузијазам и желба за докажување кои не можат ни оддалеку да го помирисаат театарот а камо ли да стапнат на сцена, изјави во интервју за „Локално“ актерот Владимир Петровиќ.

„Речиси пола година заработував како доставувач на храна, зошто буквално се најдов на работ на егзистенција имајќи во предвид дека сум невработен актер, за на крајот на годината да ја добијам мојата прва улога во долгометражен игран филм. 2020 беше турбулентна година“, ни раскажа Петровиќ.

Вели дека не му е тешко кога ги подготвува улогите или кога ги гради ликовите.

„Уште кога бев студент сфатив дека кога добивам улоги повеќе не е прашањето дали ќе можам да ги одиграм, туку како, на кој начин. Штом си ја врзав таа мисла ‘во крпче’ веќе се беше полесно“, објасни тој.

Додаде дека голем дел од проектите во кои учествувал биле успешни и наградувани дома и во странство.

Што ѝ недостасува на македонската театарска/филмска сцена?

-Повеќе пати ми го поставиле прашањево и секој пат давам различен одговор, зошто има многу работи кои треба да се променат или подобрат. Филмската индустрија кај нас тргна во посакуваниот правец, имавме големи успеси изминатиов период, а во театарот се потребни радикални промени ако сакаме да одиме напред. Има млади луѓе полни ентузијазам и желба за докажување кои не можат ни оддалеку да го помирисаат театарот а камо ли да стапнат на сцена. Мора да се најде начин да се промени целокупниот систем на функционирање на институциите, вака ништо не правиме.

Колку и како ти влијаеше корона-кризата?

Во периодот кога пандемијата зема замав, заедно со мојот колега Горан Ников и режисерот Срѓан Јаниќијевиќ работевме на дуо драма која моравме да ја откажеме две недели пред премиерата, имав уште неколку проекти на повидок кои се одложија за подобри времиња или едноставно се откажаа. Речиси пола година заработував како доставувач на храна, зошто буквално се најдов на работ на егзистенција имајќи во предвид дека сум невработен актер, за на крајот на годината да ја добијам мојата прва улога во долгометражен игран филм. 2020 беше турбулентна година, се надевам дека во 2021 ќе биде подобро.

Какво е чувството да се игра во попразна театарска сала, додека сите во публиката носат маски?

-Чувството да се игра пред попразна сала ми е познато и пред пандемијата, а се уште не сум имал прилика да играм пред публика со маски.

Дали работиш на некој нов проект во моментов или пак си работел на проекти откако филмовите/сериите се снимаат по посебни ковид протоколи? Каква е атмосферата додека се работи во такви поинакви услови?

-Моментално работам на нова претстава со Срѓан Јаниќијевиќ, истражуваме нови театарски форми во онлајн просторот драматизирајќи ја книгата „Енциклопедија на мртвите“ на Данило Киш. Како што напоменав претходно, играв во филмот „Мими“ на Даријан Пејовски кој се снимаше со ковид протоколи. Атмосферата на снимањето беше високо професионална, и на крајот се помина во најдобар ред.

За која улога ти било најтешко да се подготвиш?

-Не ми е тешко кога ги подготвувам улогите или кога ги градам ликовите. Уште кога бев студент сфатив дека кога добивам улоги повеќе не е прашањето дали ќе можам да ги одиграм, туку како, на кој начин. Штом си ја врзав таа мисла „во крпче“ веќе се беше полесно. Чувствувам одговорност кога сум на сцена, првенствено пред себе. Ако можам да одвојам една, тоа би била улогата на Предраг во претставата „Реалисти“, зошто таа улога беше една од главните во претставата и поради тоа имав огромна одговорност на плеќите.

На кој проект во кој имаш учествувано си посебно горд?

-Не би можел да одвојам, горд сум на сите проекти во кои сум учествувал, да не се урочам, ама голем дел од проектите во кои сум учествувал биле успешни и наградувани дома и во странство. Се надевам дека така ќе продолжи.

Што ти претстои на професионален план?

-Да ја завршиме „Енциклопедија на мртвите“ па ќе видиме.

Има најави дека е можно да се рестартира проектот со дуо драмата, и дека ќе се вратиме во некаква нормала од театарски и од секаков аспект годинава, меѓутоа претпазлив сум со желбите и очекувањата за иднината, зошто времето во кое живееме е многу непредвидливо.

С.К.

Слични содржини