Петровска- Балфорт: С.Македонија е подготвена, потребен е брз почеток на пристапните преговори

од Берта Китинска
257 прегледи

Министерката за одбрана Славјанка Петровска утрово се сретна со Јоанеке Балфорт, директорка за безбедносна и одбранбена политика на Европската служба за надворешно дејствување, која е во посета на Северна Македонија.

На средбата, министерката Петровска се осврна на потребата за видлива и брза европска перспектива на земјите од регионот, која е исклучително важна особено во овие времиња на безбедносни предизвици на континентот. Додаде дека овој процес влијае и на кредибилноста на Унијата.

„Западниот Балкан мора да биде високо на агендата на Европската Унија. ЕУ мора да биде решителна и што поскоро да ги започне пристапните преговори со Северна Македонија“, порача министерката Петровска на средбата.

Таа истакна дека Заедничката безбедносна и одбранбена политика е уште една алатка за зацврстување на односите со регионот, а надворешната политика на Северна Македонија е целосно во согласност со оваа безбедносна и одбранбена политика на Унијата.

Директорката за безбедносна и одбранбена политика во оваа европска служба, Балфорт истакна дека Северна Македонија е подготвена за почеток на преговори.

„Се надеваме дека ќе можеме брзо да ги започнеме пристапните преговори, што ќе даде исклучително позитивен импулс. Северна Македонија е подготвена за овој процес“, порача Балфорт. Таа се заблагодари за целосната усогласеност на надворешната политика на Северна Македонија со Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Унијата.

Во однос на соработката помеѓу НАТО и ЕУ, Петровска и Балфорт заклучија дека и двете организации имаат заеднички предизвици кои бараат заеднички решенија. Истакнаа дека и НАТО и ЕУ мора да работат заедно на многу прашања, особено во градењето отпорност против заканите.

На средбата стана збор и за блиската соработка во градењето на капацитети во справувањето со хибридните закани и особено дезинформациите, како предизвик со кој се соочуваат и земјите од Западниот Балкан и членките на Унијата.

Северна Македонија од 2006 година дава свој придонес во операцијата ЕУФОР-АЛТЕА во Босна и Херцеговина, а од 2020 година е дел и од тренинг-мисијата на ЕУ во Централноафриканската Република.

Слични содржини