Добро утро послушници од ДПМНЕ. Еве веќе 20 дена како и официјално сте власт, па нема потреба од повторувања на прес конференции, ниту да ја повикувате ДКСК. Само за потсетување дека овие обвинувања се одамна, Драган Ковачки лажеше и ме клеветеше. И како што ветив во судска постапка докажав дека е лажго. Ама од срам ја крие пресудата и ве турка во поголема брука, порача екс-министерката и актуелна пратеничка, Славјанка Петровска како реакција на денешната прес-конференција на нејзиниот колега од Собранието, Тони Јаревски.
Петровска во својата реакција упати и, како што вели, бесплатен совет до владеачката партија.
1. Како е можно за помошник министер во МВР да е поставено лице со активна кривична пријава?
2. Зошто заменик директорката на Агенција за разузнавање е незаконски поставена?
3. Ќе се извини ли Мицкоски за злоупотреба на позицијата и организирање прошетки на неговиот син во Вашингтон?
4. Како е можно за директор на Управата за извршување на санкции да поставите лица со несоодведно искуство?
5. Кој ви дозволи ја задолжувате државата, односно граѓаните со 500 милиони евра за да ги покриете неспособните градоначалници на ДПМНЕ?
Со лаги, клевети и закани нема да ме спречите да ја говорам вистината и да поставувам прашања. Одговорете, не молчите, стои во соопштението на Петровска.
Претходно денеска од ВМРО-ДПМНЕ побараа ДКСК да отвори случај за хациендата на Петровска во Радишани, односно да се испита како е направена, со кои пари и без документи. Јаревски обвини дека екс-министерката ја криеше хациендата.
„Петровска да не се крие и да каже дали ужива во благодедот хациендата? Дали некој од нејзиното семејство ја користи? Зошто ја крие и од кои пари е направена?
ДКСК да не чека Петровска да се изјасни туку да отвори случај за хациендата на Славјанка. Доволно е Антикорупциска да погледне на чие име се сметките на луксузната хациенда, тоа е појдовна основа од каде може да почне да истражува“, порача меѓу другото пратеникот.