Состојбата во Украина никого не остава рамнодушен. Еднаш ја посетив Украина и веројатно ги делиме истите впечатоци, а тоа е ужасност од сликите таму. Позициите на С. Македонија се многу јасни од почетокот на кризата – покрај политичката осуда и политичката поддршка за Украина, нашата земја досега донесе осум одлуки за донација на воена опрема и вооружување, со кои сметавме дека ќе допринесеме во одбраната на Украина, а не во поддржувањето на војната, рече министерката за одбрана, Славјанка Петровска на денешната прес-конференција со нејзината австриска колешка, Клаудија Танер, како одговор на новинарско прашање.
Според Петровска, во понатамошниот процес на опоравување на Украина, кога војната ќе заврши, потребно е секоја земја да учествува со оние капацитети кои ги има на располагање и за кои смета дека може да допринесе.
-Крај на војната и стабилизирање е нешто што го посакуваме сите ние, но за жал не зависи од нас. Апсолутно ќе придонесеме тоа да се случи, порача Петровска.