Петровска-Галовеј: Ќе продолжиме да бидеме амбициозни и да наоѓаме начини за заеднички активности

од Берта Китинска
170 прегледи

„Северна Македонија и Обединетото Кралство имаат исклучително интензивна соработка во одбраната и наша намера е таа да продолжи да се развива. Заедно постигнавме многу, но ќе продолжиме да бидеме амбициозни и да наоѓаме начини за уште поголем број на заеднички активности, вежби, обуки, школувања и убедена сум дека тоа ќе го постигнеме зашто постои искрена волја за соработка и поддршка од двете страни“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната прва средба со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј.

Амбасадорката Галовеј рече дека Обединетото Кралство силно ја поддржуваше Северна Македонија на патот кон НАТО, а по зачленувањето во Алијансата, соработката меѓу двете земји во повеќе области, а особено во областа на одбраната, се продлабочи. Таа соработка во иднина нема да загуби од своето темпо, порача Галовеј.

Петровска и Галовеј разговараа и за ситуацијата во и околу Украина. Тие го поздравија единството на сојузниците во НАТО во овој контекст, како и напорите за изнаоѓање на дипломатско решение на комплексната ситуација.

Северна Македонија и Обединетото Кралство соработуваат во областа на обуките и во таа насока е воспоставената Координативна ќелија составена од британски офицери со кои соработуваме во развојот на полигонот „Криволак“ како корисен национален и НАТО капацитет. Британски војници ќе бидат дел и од вежбата „Swift Response 22“, која е и најголемата воена вежба која годинава ќе се одржи на армискиот полигон „Криволак“.

Обединетото Кралство ја помага и поддржува и трансформацијата на Армијата согласно стандардите на Алијансата и тоа преку британскиот советник, бригадниот генерал Џон Баурон стациониран во Министерството за одбрана.

Слични содржини