Петровска – Каволи: Потврдена одличната македонско – американска одбранбена соработка

од Radmila Tasevska

Во пресрет на утрешната конференција на началници на Генералштаб на земјите од САД – Јадранската повелба, министерката за одбрана Славјанка Петровска, денеска во Министерството се сретна со командантот на Армијата на САД за Европа, генералот Кристофер Каволи, кој воедно е и командант на Врховната команда на сојузничките сили на НАТО за Европа.

На средбата, како што се наведува во соопштението од Министерството за одбрана, Петровска и Каволи разговарале за безбедносната состојба во Европа, за придонесот на САД и Северна Македонија во зацврстувањето на колективната безбедност на Алијансата, како и за развојот на соработката помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Армијата на САД за Европа.

Министерката Петровска информирала дека Северна Македонија е посветена на имплементација на Пакетот на НАТО цели на способности кој е директно поврзан со унапредувањето на капацитетите на Армијата со цел зацврстување на безбедноста на Северна Македонија, регионот и Алијансата.

-Северна Македонија е посветен сојузник на НАТО и стратешки партнер на САД. Со сигурност можам да кажам дека одбранбениот буџет следната година ќе достигне 2 отсто од брутодомашниот производ, и дека продолжуваме со реализација на плановите за модернизација на Армијата кои се во тек, истакнала министерката.

Што се однесува до билатералната соработка, Петровска потенцирала дека сојузничката поддршка од нашиот стратешки партнер САД има суштински придонес во развојот и модернизацијата на Армијата на Република Северна Македонија.

Министерката се осврнала и на големиот број на заеднички обуки и вежби со Армијата на САД, при што порачала дека тоа е најдобриот начин да продолжиме да ја градиме интероперабилноста во Алијансата.

Генералот Каволи истакнал дека соработката помеѓу Армијата на САД за Европа и Армијата на Република Северна Македонија е на највисоко ниво и дека истата ќе продолжи да се развива и во иднина.

Претходно, генералот Каволи остварил средба со началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на која било разговарано за заедничките активности на Армијата со Командата на силите на САД во Европа.

Слични содржини