Новиот Договор за билатерална одбранбена соработка помеѓу Северна Македонија и Грција потпишан во 2019-тата година отвори многу можности и создаде нова клима на доверба и соработка помеѓу двете земји. Една од најголемите придобивки од овој договор и од засилената соработка е можноста припадниците на двете армии да работат заедно, да воспоставуваат нови контакти и да го засилуваат меѓусебното пријателство и сојузништво. Тоа го заклучија министерката за одбрана, Славјанка Петровска и грчкиот амбасадор во нашата земја, Русос Кундурос, на денешната средба во Министерството.
Петровска се заблагодари за грчкиот ангажман во заштитата на македонското небо, првенствено преку билатералниот технички договор, а и денеска како дел од НАТО мисијата за „air policing“, што беше овозможено преку вклучување на небото на Северна Македонија во НАТО системот за воздухопловно патролирање.
Амбасадорот Кундурос Грција изрази задоволство поради продлабочувањето на одбранбената соработка со Северна Македонија, на билатерално ниво и како земји – сојузници во Алијансата. Двајцата соговорници го поздравија успешно реализираниот план за билатерална одбранбена соработка за 2021 година, во чии рамки се реализираа 35 активности. Новиот план за билатерална соработка за 2022 година со кој продолжува посветеноста на двете земји на одбранбената соработка, е во завршна фаза.
Двете земји повеќе од една деценија соработуваат во доменот на военото образование и јазичната обука, а по потпишувањето на новиот Договор за соработка во 2019-тата, соработката добива на интензитет и вклучува експертски разговори и, особено важно, заеднички обуки на припадниците на двете вооружени сили. Припадници на Армијата на Република Северна Македонија беа дел од обуките за борбено нуркање, падобранските обуки, а заеднички учествуваа и на вежбата „Одлучен удар 21“ на полигонот „Криволак“.