Министерката за одбрана, Славјанка Петровска денеска ги посети воените доктори и медицинскиот персонал во Военомедицинскиот центар на Армијата на Република Северна Македонија, каде разговараше со потполковничката Елизабета Наумоска, командант на Центарот и со лекарите и медицинскиот персонал, а го посети и одделот за специјалистичка консултативна дејност, биохемиската лабораторија и одделот за медицинска обука.
„Военомедицинската дејност е круцијална за одржување на борбената готовност на командите и единиците на Армијата и затоа Министерството придава големо значење и на развојот на Военомедицинскиот центар и на развојот на лекарите и медицинскиот персонал во овој Центар“, рече министерката.
Петровска му се заблагодари на целиот медицински тим за нивниот придонес при реализацијата на воените вежби, вклучувајќи ја и овогодинешната, најголема досега вежба во нашата држава, „Swift Response 22“, медицинската поддршка на активностите на Балканските наменски сили, како и несебичната поддршка на државното здравство во време на пандемијата на корона – вирусот. Во првиот бран на корона – вирусот, со поставувањето на Лесната полска болница, Центарот ги зголеми националните капацитети за одговор на пандемијата, а подоцна и воените лекари и медицинскиот персонал беа вклучени во лекувањето на граѓаните.
Баталјонот за медицинска поддршка (Военомедицинскиот центар) дава здравствена заштита на примарно и секундарно ниво на армиските припадници и на сите граѓани, нуди медицинска поддршка на сите активности на Министерството и на Армијата, врши медицинска обука, како и стоматолошка, психолошка и ветеринарна заштита. Воедно Центарот е дел од националниот систем за одговор при кризни состојби и природни катастрофи.