Министерката за одбрана, Славјанка Петровска денеска се сретна со заменикот шеф на мисија во американската амбасада, Ерик Мејер и со новопоставеното аташе полковникот Мајкл Тарквинто.
На средбата, како што информираат од нејзиниот кабинет станало збор за одличната одбранбена соработка помеѓу САД и Северна Македонија, стратешки партнери и сојузници во Алијансата. Петровска изразила благодарност за одлуката за поддршка на развојот на Армијата со 78 милиони долари.
„Сојузничката поддршка со 78 милиони долари значително ќе помогне во развојот на капацитетите на Армијата, во нејзината модернизација и опремување, како и во развојот на сајбер одбраната. Заеднички го менуваме ликот на Армијата и ја зацврстуваме колективната безбедност и одбрана и за тоа сме исклучително благодарни“, вели министерката.
Заменикот Шеф на мисија Мејер и полковникот Тарквинто порачаа дека САД остануваат посветени на соработката со Северна Македонија, која е посветен сојузник во Алијансата и активно придонесува кон безбедноста на евроатлантската област.