Армијата и Министерството за одбрана се насочени кон зајакнување на човечките капацитети затоа што модерна опрема се купува, можете да ја набавите, но инвестирањето во човечките ресурси е нешто кое што е подолготрајно и за што треба особено сите ние да се заложиме, нагласи министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната средба со претставници на невладините и тинк-тенк организации со што почнуваат широки консултации во процесот на трансформација на системот за одбрана кој продолжува по членство на земјата во НАТО за зајакнување на одбранбените способности во периодот 2022-2031 година.
Таа се осврна на војната во Украина, посочувајќи дека практично она што денес се случува на европското тло е дело на конвенционален начин на војување, но, како што додаде, неспорно е дека тој се надополнува со хибридните дејствувања коишто се составен дел на секој вид на дејствување, особено се една да речам од главните закани со коишто се соочува не само нашата држава како земја членка на НАТО, меѓутоа и многу други земји.
Таа истакна дека особено е важно тоа што состојбата сега во моментов на европското тло е многу поразлично од она на кое што било во ситуацијата кога се креирале или пишувале националните документи кои сега се на важност.
– Денес се соочуваме со една многу сурова реалност на европско тло во 21 век, се соочуваме со воена агресија врз независна и самостојна држава и тоа е нешто што како прво демократска држава, а второ и како земја членка на НАТО не можеме да го премолчиме или да бидеме имуни на сето тоа, особено што самата таа воена агресија носи сериозни последици врз земјите од регионот, но се разбира дека има влијание и врз стабилноста и безбедноста на регионот, рече Петровска.
Министерката нагласи дека РСМ со членството во НАТО направи сериозен исчекор и тоа е дополнителен гарант на безбедноста во регионот.
– Бевме сведоци на тоа како нашата држава се соочуваше со сериозни безбедносни и политички закани, но зачленувањето во НАТО апсолутно тоа го промени во позитивна конотација и денеска нашите претставници на Армијата се сериозни контибутори во гарантирањето на регионалната безбедност и стабилност. И тоа е нешто што е гордост не само на Армијата, но и гордост на нашата држава. Тоа само го кажувам како пример, како доказ дека секогаш кога политичките процеси во државата се одвиваат во инклузивен процес тој вродува со плод, истакна Петровска.