Петровска: НАТО значи безбедност и стабилност, инвестираме во одбраната

од Берта Китинска
260 прегледи

НАТО значи безбедност и стабилност, за државата, за граѓаните и за сите субјекти во државата. На 24 февруари кога се случи руската агресија врз Украина, сите го поставивме прашањето дали сме безбедни. Одговорот е – да, безбедни сме затоа што во НАТО важи правилото ако една земја е нападната, тоа значи дека сите се нападнати. Во НАТО важи правилото на сојузништво и на единство. Оваа агресија практично тоа и го покажа, дека НАТО алијансата стана уште поцврста и уште постабилна, кажа министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Министерката додаде дека членството во НАТО не значи слушање на одлуки, туку директно учество во донесувањето на тие одлуки, рамноправно со останатите 29 сојузници и порача дека Македонија е кредибилен сојузник кој служи како позитивен пример за регионална безбедност и стабилност, што уште повеќе ја зголемува потребата за итен и неодложен старт на преговори за членство во Европската Унија.

„Воената криза во која се наоѓа Украина и рестрикциите кои ги има врз регионот покажуваат дека не може да имаме стабилна Европа ако немаме целосно интегриран Западен Балкан. Нашето однесување во НАТО Алијансата покажува дека сме кредибилен сојузник, a тоа уште повеќе ја зголемува потребата што поскоро да ги започнеме преговорите со ЕУ и се разбира да станеме земја членка на Унијата затоа што на тој начин го заокружуваме процесот на интеграција на нашата држава“, рече министерката.

Слични содржини