Петровска: Не дозволивме фрустрацијата од чекалната во НАТО да не поколеба

од Берта Китинска
168 прегледи

Со членството во НАТО стабилноста на државата не може да биде разнишана, а безбедноста здружено ја гарантираат Северна Македонија и 29-те сојузници, рече денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето на настанот „Денот на НАТО – 4 Април”.

Петровска порача, „ние сме НАТО, а Денот на НАТО е и наш ден, ние сме на праведната страна на историјата. Цврсто веруваме во принципот на Алијансата: еден за сите – сите за еден.”

-Не дозволивме фрустрацијата од чекалната во НАТО да не поколеба. За сето време демонстриравме капацитет и историска мудрост, но не ја загубивме и амбицијата да бидеме уште подобри дури и кога го минавме прагот на НАТО. Денес повторно сме соочени со предизвици, со немилосрдна војна. Оваа криза покажува колку е непредвидлив светот во кој живееме и колку е важно да имаме сојузници, подвлече министерката.

Таа напомена и дека земјава е рекордер по брзината со која го заврши процесот на воена интеграција во Алијансата. Ние сме, додаде, целосно посветени на колективната одбрана и на одвраќањето на секоја потенцијална закана.

-Со досега невидени инвестиции во опрема и модернизација, ја зацврстуваме нашата сила на копно, а заедно со НАТО го зацврстивме нашиот суверенитет и во воздух. Не ја изгубивме амбицијата да бидеме уште подобри, дури и кога го минавме прагот на НАТО. Рекордери сме во брзината со која го завршивме процесот на воена интеграција во Алијансата кој за нас траеше само 19 месеци по членството. Со над 30 проценти од одбранбениот буџет наменет за опремување и модернизација, денеска сме дел од 24-те сојузници кои веќе ги исполнија насоките од Самитот на НАТО во Велс, а посветени сме да го исполниме и вториот критериум – до 2024 година да одвојуваме два процента од бруто-домашниот производ годишно за одбраната и Армијата. Имајќи предвид дека го дуплиравме нашиот одбранбен буџет за само четири години, немам сомнеж дека ќе ја достигнеме и оваа цел, истакна Петровска.

Слични содржини