Петровска: Немаме зголемена безбедносна закана за да го враќаме служењето на воениот рок

од Nikola Popovski
243 прегледи

Министерката за одбрана Славјанка Петровска вчера по завршувањето на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО на ниво министри за одбрана посочи на неколку значајни теми кои беа дел од дискусиите на овој министерски состанок, вклучувајќи го инвестирањето во одбраната, каде Северна Македонија е една од 18-те земји членки кои го исполнија критериумот на НАТО за одвојување на 2 проценти од БДП за одбрана.

„Задоволство ми е што можам да кажам дека Северна Македонија веќе од 2024 година, над два проценти или точно 2,05 проценти од БДП одвојува за одбранбениот буџет на нашата земја. Тоа значи дека сите оние проекти кои се претходно започнати, а се дел од големиот процес на модернизација на македонската Армија, ќе продолжат и во текот на оваа година“, рече министерката во интервју за МИА и додаде дека се планираат нови процеси, кои ќе значат пред сè зајакнување на нашите национални капацитети и се разбира зголемена колективна одбрана.

Петровска информираше дека ставот на Владата и на Министерството е дека на воената индустрија треба да и се помогне за компаниите да ги зголемат своите производствени капацитети и да се подобри економијата. На почетокот на март, рече министерката, претставници од НАТО Агенцијата за набавки и Агенцијата за информации и комуникации во Скопје ќе одржат презентации на македонски компании за НАТО пазарот и можностите кои ги нуди.

Министерката Петровска се осврна и на единството во НАТО во однос на колективната одбрана, на која се основа цела Алијанса.

„Многу се јасни одредбите од основачкиот договор каде што се вели дека ако една земја е загрозена тогаш сите членки на Алијансата реагираат. Сè додека важат тие правила, а тие правила се всушност и основата на Алијансата, секоја земја поединечно ќе биде заштитена во случај ако има било каков тип на напад врз неа“, рече Петровска. Министерката додаде дека важно е да сме свесни и за хибридните закани чија цел е „да ја поткопаат довербата во институциите, а можат да значат и влијание врз одредени процеси кои се случуваат во државата со цел оневозможување“.

На прашање поврзано со можностите за враќање на воениот рок, министерката Петровска беше децидна дека македонската Армија се гради како професионална Армија, дека резултатите од тој концепт се видливи и дека таа не поддржува каква било можност за тоа. Кога станува збор за враќањето на воениот рок, рече Петровска, мора да се знаат и последиците.

„Првенствено немаме зголемена безбедносна закана, за да го враќаме служењето на воениот рок. Тоа ќе значи вложување на многу дополнителни финансиски средства и што е уште поважно тоа ќе значи дека младите од 18 години нема да можат да бидат активни на пазарот на труд во тој период, ниту пак да го продолжат навремено образовниот процес“, рече Петровска.

Министерката посочи дека и денес постои можноста за Доброволно служење на воен рок која речиси и да не се користи од страна на младите граѓани, како и дека во процедура веќе е пуштен Концептот за резервен состав на армиските сили. Министерката информираше дека деновиве е завршен и Конкурсот за прием на професионални војници каде, пак, интересот е седум кандидати за едно работно место, што е можност да се изберат најдобрите.

Слични содржини