Министерката за одбрана Славјанка Петровска, која престојува во Србија како дел од делегацијата на земјава по повод Првиот меѓународен саем „Винска визија на Отворен Балкан“ денеска се сретнала со потпретседателот на Владата на Србија и министер за одбрана Небојша Стефановиќ.
Стефановиќ во оваа прилика ја истакнал важноста на соработката и солидарноста за развојот на целиот регион и надминување на сите предизвици кои претстојат. Тој изјавил дека резултатите стануваат се повидливи, како и неопходноста од иницијатива како што е „Отворен Балкан“.
Петровска го изразила своето задоволство што покрај присуството на Саемот за време на престојот во Србија, имала можност за прва билатерална средба со министерот Стефановиќ и со него се согласила дека иницијативата „Отворен Балкан“ веќе дава вистински ефекти, кои придонесуваат за подобар квалитет на животот на сите луѓе во нашата област.
Стефановиќ и Петровска на денешната средба разговарале за конкретните модалитети за унапредување на соработката во областа на одбраната на двете земји, вклучително и воено-воената и воено-економската соработка. Тие се согласиле дека сегашното ниво на соработка е добро, особено во рамките на Балканските воено медицински сили (БМТФ), но дека има простор за нејзин понатамошен развој и ја изразија решеноста на двете страни да работат заедно на ова.