Петровска поднесува иницијатива за поставување спомен-обележје за загинатите кај Вејце

од Nikola Popovski
290 прегледи

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска ќе побара од општина Тетово да донесе одлука за подигање на спомен-обележје во чест на загинатите припадници на безбедносните сили во масакрот кај Вејце.

Иницијативата, потпишана од Петровска, е поднесена согласно членот 18 од Законот за меморијални споменици а со цел оддавање почит на загинатите борци.

„Заради оддавање почит кон загинатите припадници на безбедносните сили на Република Северна Македонија кои своите животи ги загубија во масакрот кај Вејце, поднесувам иницијатива согласно член 18 од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата Советот на Општина Тетово да донесе одлука за подигање на спомен-обележје. Овие настани не треба и не смее да нè разделуваат, напротив, тие треба да бидат паметник од минатото, грешките да не се повторат и страдањата да не оживеат“, објави Петровска на социјалните мрежи.

Денеска се навршуваат 22 години од подмолниот напад кај тетовското село Вејце во кој осум припадници на специјалните единици на МВР беа убиени. Животот го загубија  Роберт Петковски (27) од Скопје, Бобан Трајковски (28) од Куманово, Игор Костески (26) од Скопје, Миле Јаневски (30) од Македонска Каменица, Марјан Божиновски (27) од Битола, Илче Стојановски (24) од Битола, Кире Костадиновски (24) од Битола и Бошко Најдовски (24) од Битола. Осумтемината бранители, во војната од 2001 година, заедно со уште шестмина кои преживеаја, беа нападнати од заседа движејќи се меѓу тетовските села Селце и Вејце.

Слични содржини