Петровска: Покажавме дека сме подготвени да придонесеме за стабилноста на секоја членка на НАТО

од Nikola Popovski
123 прегледи

Во овие три години колку што сме дел од најмоќниот воено политички сојуз покажавме дека Северна Македонија е подготвена да го даде својот придонес во колективната безбедност, во гаранцијата за стабилноста на секоја членка на НАТО и во гаранцијата за безбедноста на секој граѓанин на Сојузот, порача министерката за одбрана Славјанка Петровска на отворањето на првиот Одбранбен форум 2023.

Денеска, додаде, сме кредибилна членка на НАТО со рамноправен придонес во Сојузот кој веќе брои 31 земја.

– Ние сме составен дел од Алијансата и од нас како и од сите останати земји-членки зависи колку НАТО ќе одговори на својата задача – да биде заштитник на заедничките цивилизациски вредности – слободата, правдата и демократијата. Покажавме дека недвосмислено стоиме зад овие вредности со јасно изразениот став на осуда на напад на суверенитетот и интегритетот на Украина и нејзиното право на слобода, со брзата, но темелно осмислена реакција на нивните барања за помош за одбрана од овој напад, со нашето внимание тоа во никој случај да не влијае на борбената готовност на Армијата, туку напротив да ја засили уште повеќе посветеноста на инкорпорирање на најсовремената опрема во редовите на Армијата, бидејќи силна, способна и опремена Армија значи силна гаранција за безбедноста на нашата земја и посветеноста на НАТО Алијансата, рече Петровска.

Посочи дека довербата и интегритетот на Армијата кај граѓаните е јавно добро што грижливо се чува, а модернизацијата, развојот на човечките и материјалните капацитети, одржливоста, доброто управување и прецизната регулација, како и растечката цел за заштита на безбедноста и стабилноста се суштински елементи за неопходно зајакнување на довербата.

Истакна дека развојот на Армијата ќе одигра голема улога во зголемувањето на можностите на целокупниот безбедносен систем на земјата, овозможувајќи пристап од 360 степени преку превенција до надминување на безбедносните предизвици.

-Ако сакаме македонската одбрана да биде пример за функционалност мора да имаме и мултисекторски пристап. Само ако сме заедно, ако сме здружени и со исти цели можеме да бидеме посилни во гарантирањето на безбедноста за секој граѓанин. Развиваме систем за управување со дезинформации кој меѓу другото се темели и на соработката со цивилниот сектор. Дезинформациите и сајбер нападите целат директно во суштината на општеството, во демократските процеси, довербата на граѓаните во институциите и демократските избрани влади и функционалноста на системот. Како што се менува светот, НАТО ќе продолжи да се менува, а со тоа и ликот на македонската Армија и Министерството за одбрана со цел да бидеме во чекор со времето зајакнувајќи ја превенцијата и раното предупредување на целокупниот безбедносен систем, порача Петровска.

Слични содржини