Петровска: Премиерот и претседателката требаше меѓу првите да ѝ честитаат на Шекеринска

од Nikola Popovski
164 прегледи

Информацијата за избор на Радмила Шекеринска за заменик-генерален секретар на НАТО веќе ја знаеле и претседателката на државата и претседателот на Владата. Во процесот на избор, без оглед на  тоа што прво се дава акцент на личниот капацитет и интегритет на кандидатот, се прашуваат и властите, не за дозвола, туку за еден вид на консултации. Тоа е веќе во финалната фаза, изјави пратеничката на СДСМ и екс-министерка за одбрана, Славјанка Петровска за новата функција на Шекеринска и реакциите од властите.

Според нејзините зборови, задоцнета е реакцијата на премиерот бидејќи беше одговор на новинарско прашање, но и на претседателката која воедно е врховен командант на македонските вооружени сили.

-Не покажаа политичка зрелост затоа што сметам дека требаше да бидат меѓу првите кои ќе упатат честитка за оваа значајна функција, рече Петровска во емисијата „Вин-вин“.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Вила Водно“ денеска ќе се сретне со Шекеринска, по нејзиното назначување во НАТО. Преку нејзиниот Фејсбук-профил информира дека лично сака да и го честита изборот.

-Сметам дека е најдобро лично да и изразам честитки за престижната функција која е од големо значење не само за неа туку и за државата, напиша шефицата на државата.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера даде објаснување како дале поддршка за кандидатурата на Шекеринска. Како што истакна Мицкоски, „логично е како премиер на цела Македонија да донесам одлука во која што заедно со луѓето во тие ресори ќе го покажеме тоа што зборуваме“. Премиерот информира дека Шекеринска имала четворица противкандидати за функцијата во најголемата воена алијанса.

-И другпат кога ќе има ваква прилика, секој македонски граѓанин од мене ќе биде поддржан во било која светска институција. Секогаш кога јас сум во Владата, ќе се водам од државните интереси, кажа премиерот во обраќањето од Собранието до пратениците на Левица и додаде:

-Можеби според вас подобро ќе беше да биде избран некој друг од четворицата кандидати, но за мене тоа не е подобро.

Слични содржини