Ширењето лаги е секогаш најлесниот пат по кој може да се допре до јавноста и да се влијае до неа, а ефектите од тие лаги се погубни. Огромна е одговорноста на НАТО-комуникаторите во оваа војна да ја извојуваат победата на вистината и праведноста и трајните цивилизациски вредности, кажа министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето на отворањето на НАТО – Конференцијата за комуникатори, чиј домаќин оваа година по прв пат е Северна Македонија.
Според неа, најважната силна политичка порака од овој форум е дека НАТО е Воено-политички сојуз кој е буден и ги следи безбедносните предизвици од сите аспекти. Ги следи, реагира, но и се менува.
– На сите вам ви е добро позната воената доктрина која гарантира успех, а предвидува четири инструменти на национална моќ, а тие инструменти се информација, економија, дипломатија и војска. Вие, нашите НАТО-комуникатори држите еден од четирите инструменти на моќ во вашите раце. Во вашите раце се информациите и ракувањето со нив е од огромно значење. Секој од вас присутен овде, а ве има од речиси сите сојузнички земји треба беспрекорно да ја заврши својата улога и на крај заеднички уште еднаш да кажеме дека НАТО, 73 години по неговото основање останува најмоќната Алијанса водена од вистинските вредности, а тоа се индивидуалната слобода, демократијата, човековите права и владеењето на правото, нагласи министерката Петровска.
Таа нагласи дека е потребно пораките на НАТО да допрат до сите, дека, пред сè, веруваме во мир, но дека сме цврсто решени да го заштитиме нашиот суверенитет, демократии и нашата слобода, а Северна Македонија, вели, како најмладата земја членка знае дека најдобриот пат напред е кога чекори заедно со своите сојузници и истомисленици, ги користиме придобивките, но и придонесуваме кон колективните цели на Алијансата.