Министерката за одбрана на Република Северна Македонија Славјанка Петровска денеска го пречека на работна средба потпретседателот на Владата и министер за одбрана на Република Србија, Милош Вучевиќ, кој е во работна посета на Република Северна Македонија.
За време на средбата беше разговарано за унапредување на соработката во доменот на одбраната, како и за учеството на земјите во регионалните иницијативи како платформи за зајакнување на регионалната стабилност и безбедност.Министерката Петровска истакна дека одржување на стабилноста во регионот е од приоритетно значење кое се постигнува со отворен дијалог и добрососедски односи, а дека активното учество во регионалните иницијативи за соработка придонесуваат за градење на меѓусебна доверба и разбирање.
Петровска додаде дека целосната интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија суштински ќе придонесе за зајакнување на стабилноста и ќе ја зголеми соработката во регионот.
На состанокот, Петровска и Вучевиќ се согласија дека регионалните иницијативи во кои учествуваат Србија и Северна Македонија – иницијативата СЕДМ, Балканските медицински сили, иницијативата Б-9 на началниците на Генералштаб и Центарот за безбедносна соработка – РАКВИАК, се од заеднички интерес за земјите и ја унапредуваат билатералната соработка.