Сајбер нападите се дел од голема хибридна војна која се случува и во Република Северна Македонија и во многу други држави, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска, во гостувањето во ТВ21. Таа рече дека треба да се види позадината на овие сајбер напади во ваков обем.
-Целта беше да се создадат паника и страв кај населението. Напаѓачот ги познаваше нашите прилики и протоколите кои ги преземаме како земја, рече Петровска.
Таа додаде дека цел била и да се подриваат институциите, но тие веднаш одговарале на предизвикот.
-Ова е војување со неконвенционални средства, затоа се специфични овие закани и изискуваат зголемен капацитет на институциите и целото општество. Институциите се први и се одговорни, но треба да се гради и општествената отпорност. Но и да се градат капацитетите на институциите. Тоа значи дека субјектите треба да знаат кои се заканите пред кои стои Република Северна Македонија. Институциите одговараат онака како што можат, но треба да реагира и општеството, како медиумите, невладините организации и други, кажа Петровска.
Според информациите, сподели Петровска, земјава не е под директна изложеност на дојавите за бомби. Таа додаде дека можеби една од причините што стивнаа лажните дојави за бомби е дека е влезено во трага на испраќачот.