Петровска: Транспарентно да се справуваме со сите предизвици, нашите граѓани да бидат информирани и свесни за нашите политики и напорите за обезбедување стабилност

од Берта Китинска
149 прегледи

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска утрово учествуваше на регионален настан во формат на тркалезна маса за јавни политики, организиран од Евроатлантскиот совет на Северна Македонија и од Центарот за изучување на демократија – Софија (CSD) во соработка со американскиот тинк тенк National Endowment for Democracy, посветен на зацврстувањето на демократската отпорност во Северена Македонија, особено во контекст на моменталните безбедносни предизвици на европскиот континент.

На настанот конципиран како форум за дискусија на регионални и домашни експерти и носители на одлуки за начините како институциите, граѓанското општество и медиумите можат да се справат со авторитарните тенденции во контекст на актуелните геополитички и геоекономски околности, министерката Петровска истакна дека глобалните предизвици се од различна природа, но се заемно поврзани и налагаат координиран одговор.

Во таа насока, министерката се осврна и на меѓународната безбедносна средина, за која рече дека е покомплексна од кога било досега, вклучувајќи цел спектар на воени, политички, економски и други алатки кои претставуваат предизвик за нашите институции, економии и општества.

„Безбедносните закани не се само конвенционални и во пракса се комбинирани со хибридни алатки и методи, вклучувајќи ширење на дезинформации, сајбер напади и економски притисоци кои имаат за цел да ги дестабилизираат и поткопаат општествата и владите”, рече Петровска на панел дискусијата.

Во контекст на Југоисточна Европа, Петровска подвлече дека преку хибридни активности и влијанија, може да се влијае на забавување на европската и евроатлантската интеграција на овој дел од континентот, додека истовремено слабее европската привлечна сила.

Она што е важно сега, истакна Петровска, е како да се бориме со овие закани и како да се подготвиме, односно како да изградиме отпорни општества.

„Посилната координација помеѓу цивилните и воените капацитети и соработката со сојузниците и партнерите е повеќе од потребна, исто како и креирањето на механизми за справување со заканите по безбедноста“, порача Петровска.

Министерката се осврна и на потребата од создавање на правна рамка за регулација на сајбер заканите и хибридното војување, за што рече дека е високо на агендата на Северна Македонија, особено имајќи предвид дека во октомври минатата година беше донесена Стратегијата за градење на отпорност и справување со хибридни закани.

„Нашиот пристап е отворено и транспарентно да се справуваме со сите предизвици, нашите граѓани да бидат информирани и свесни за нашите политики и напорите за обезбедување стабилност и просперитет“, рече министерката на денешната дискусија.

Слични содржини