Петровска: Во НАТО нема мали и големи, ниту први и последни

од Берта Китинска
170 прегледи

Војниците од армиите на Северна Македонија, САД, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Шпанија, Црна Гора, Албанија и Грција покажаа што значи колективна подготвеност и совршена интероперабилност и всушност ја пратија најважната порака дека кога сме НАТО не сме сами, порача денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето на на Денот за високи гости во рамки на воената вежба „Брз одговор 22“, што се одржува на Армискиот полигон „Криволак“.

– Она што денеска го видовме и на што бевме сведоци не беше пркос и демонстрација на воена сила, туку демонстрација на нашето единство, обединетост и на нашето сојузништво, изјави Петровска.

Оваа вежба, истакна Петровска, го дала одговорот на сите лажни вести и хибридни дејства кои имаат за цел нашата армија да ја прикажат како слаба, необучена и неопремена.

– Ова денеска и она што се случуваше во текот на целата вежба е најдобриот демант и реален приказ за способноста на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија. На вежбата сите учесници ги покажаа своите капацитети за одлучно планирање, добар тренинг и заедничко и координирано дејствување. Покажаа дека совршено се разбираат се надополнуваат и оти заедно се посилни. Денеска беше пратена уште една важна порака – во НАТО нема мали и големи, нема прв и последен, нема натпревар за елиминација, туку подадена рака и сојузничка поддршка, истакна министерката за одбрана.

Тоа што се случуваше на „Криволак“ деновиве, вели таа, уште повеќе ја зацврсти нејзината заложба, тој да биде висок приоритет во нејзиниот мандат како министер за одбрана и заедно со Генералштабот забрзано и плански да работат на негово развивање.

– Тренинг центарот на „Криволак“ да продолжиме да го развиваме согласно потребите за обука и тренинг на припадниците на нашата Армија, но тој ќе понуди и специфични сегменти за тренинг и обука кои ги користат нашите сојузници и стратешки партнери. Ова го гледам како уште една неверојатна можност за сите наши сојузнички земји и армии да ги зајакнат капацитетите за заедничка работа, за подобро меѓусебно запознавање и создавање меѓусебна доверба која не остава простор за никаков сомнеж. Така ја одржуваме нашата Алијанса силна. Така продолжуваме да бидеме столб кој ги одржува нашите демократии безбедни, рече министерката Петровска.

Слични содржини